143-та седница на Владата на РСМ
Владата на Република Северна Македонија на својата редовна, 143-та седница донесе одлука за формирање на работни групи за подготовка на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија и за подготовка на преговарачките позиции за преговори за членство во Европската Унија.
На оваа седница е донесена и одлука за формирање на Секретаријат на структурата за преговори, како и канцеларија на главниот технички преговарач.
Во пакетот одлуки за подготовка на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија и за подготовка на преговарачките позиции за преговори, е донесена и одлука за формирање државна делегација и Комитет за преговори во пристапувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ.
На денешната седница, Владата на РСМ го прифати текстот на Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за правосудниот испит, и донесе одлука тој да биде испратен на усвојување во Собранието.
Овој предлог закон е дел од пакетот од Стратегијата за реформи на правосудството и од Планот 18, и основна цел за негово донесување е усогласување на оваа област со легислативата на ЕУ според која се налага укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит и воведување на писмено и усно полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на нивните знаења.
На предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната седница на Владата е усвоена информација за првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, основана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедсвтво и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија одржан во Софија на 10 јуни 2019 година.
Министрите беа информирани дека двете страни го разгледале Годишниот извештај на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и предлозите до владите кои се содржани во него, биле разменети оценки за досегашната работа на комисијата и постигнатиот напредок во делот на античката историја се донесени следните одлуки:
Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува.
Се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја (Гоце Делчев, Илинденското востание и други), и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година, во однос на содржината на учебниците. Прифатено е во својата работа Комисијата строго да се придржува кон одредбите од чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, која нагласува дека е неопходен “придонес за објективно, засновано на автентични и засновани историски извори за научно толкување на историските настани”.
Владата денеска донесе одлука да се покрене постапка која ќе обезбеди деблокирање на работата на Акционерското друштво Водостопанство на Република Македонија, во државна сопственост, за да се преземат сите неопходни мерки за наплата на побарувањата, навремено сервисирање на обврските и намалување на непродуктивните трошоци, и да се обезбеди редовното работење на друштвото со извршување на сите обврски кон вработените.
На предлог на Министерството за образование и наука, на денешната седница е усвоен текстот на Предлог-законот за основното образование, кој ќе биде доставен на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.
Донесување на нов Закон за основното образование е со цел за квалитетно уредување на условите и постапката за основање, статусните промени и престанок на основните училишта, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на основното образование, уредување на воспитно образовната дејност на основното образование, управување, развој и финансирање на основното образование, правата и обврските на учениците, родителите, наставниот и друг кадар во основното образование, уредување на правата на учениците со посебни образовни потреби и надзорот над работата на основните училишта.
Во новиот предлог закон е вклучена и сеопфатна стратегија насочена кон инклузивен образовен систем за сите ученици со попречености.
На денешната седница е усвоен, и до Собранието ќе биде доставен и Предлог – закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, кој има за цел да се обезбеди услови за постојано професионално усовршување на наставниците и стручните соработници како и овозможување на нивен кариерен развој за целиот работен век на наставниците и стручните соработници. Со овој предлог закон преку професионалниот и кариерниот развој на наставниците и стручните соработници ќе се зголеми нивната мотивација, а и ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес во нашата држава.
Владата денеска беше информирана за извршените преговори и за усогласениот текст на Договорот помеѓу Владата на Република Србија и Владата на Република Северна Македонија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Прешево (Република Србија) – Табановце (Република Северна Македонија).
На денешната седница на Владата е разгледана и усвоена информацијата за потпишување на Конвенцијата на Обединетите нации за Меѓународни договори за спогодување што произлегуваат од медијација (Сингапурска Конвенција за медијација) и ја определи д-р Рената Дескоска, министерка за правда на Република Северна Македонија, да ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на свечениот настан за потпишување на Конвенцијата.
На денешната седница Владата на РСМ донесе одлука Џеват Исени да биде разрешен од функцијата неизвршен член на Одборот директори на акционерското друштво за стопанисување со деловен простор (АДСДП), со што му престанува и функцијата Претседател на Одборот на директори на АДСДП.