23/11/2024
Македонија

15 години ФФРМ (Федерација на фармерите на Република Македонија)

Федерацијата на фармерите на РМ, денес (15 ноември) одбележува Јубилеј – 15 години од своето постоење.

Кавадарци е родното место на организацијата, каде што се одржа и првото конститутивно собрание во јули 2002-та година, именувана најпрво како Федерација на македонските фармери – ФМФ, на кое е избран првиот претседател на Федерацијата, Петко Златев. Организацијата својата историја ја започнува со голем оптимизам и динамика која трае се до денес. Како структурен модел во 2004 година го зема примерот на организирање на Шведските фармери преку склучување на договор за соработка со Шведската федерација на Фармерите – ЛРФ. Sida – Шведската Агенција за развој го препозна значењето на формирање на една ваква организација, и заедно со ЛРФ – Шведската федерација на фармерите 10 години, силно ја поддржуваат во исполнувањето на нејзината мисија и визија, како финансиски така и со техничка поддршка а најмногу преку размена на искуства. Соработката продолжува понатаму преку Шведскиот кооперативн центар We Effect каде што во изминатите три години се работеше на голем број на теренски посети, активности за обединување, едуцирање и лобирање за земјоделците, со посебен фокус на малите земјоделци, јакнење и развој на земјоделските кооперативи и економско јакнење, како и поголемо вклучување на жените – фармери во одлучувачките структури на организацијата и креирањето на земјоделскта политика. Токму со оваа подршка за првпат е истакнат и проблемот со руралната сиромаштија во РМ.

Имено, голем број на вклучени лица ја започнаа својата кариера во Федерацијата, за денес да се на многу значајни позиции како советници за земјоделство, консултанти и друго, а некои ја градат својата кариера во неа и се со големи амбиции да помогнат во развој на секторот. Повеќе од 15.000 лица на директен или индиректен начин биле вклучени во работата на организацијата, и тоа: како членови на управните тела, како вработени, како волонтери, учесници на обуки за студиски посети, школо за лидери, бизнис академија и многу други обуки, преку студиски патувања надвор од државата, преку организирани саеми и многу други форми.