26/11/2024
Македонија

24 март – Светски ден на туберкулозата

Светскиот ден на туберкулоза оваа година  се одбележува под мотото – Се бараат: лидери за слободен свет, свет без туберкулоза!

Секоја година Светскиот ден на туберкулозата се одбележува на 24-ти март, со цел да се подигне  јавната свеста за катастрофалните здравствени, социјални и економски  последици од туберкулозата и да се зголемат напорите за да се стави крај на глобалната епидемија на туберкулозата (ТБ).

Датумот 24 март го означува денот во 1882 година, кога д-р Роберт Кох објавил дека ја открил бактеријата која предизвикува туберкулоза со што се отворил патот кон дијагностицирање и лекување на оваа болест. И покрај значителниот напредок, во текот на последните децении, ТБ продолжува да биде една од водечките причини за смрт помеѓу заразните заболувања, со околу 4500 смртни случаи дневно.

Глобалниот план за крај на ТБ обезбедува патоказ за борба против ТБ за период од пет години. Партнерството го започнува новиот глобален план за крај на ТБ 2016-2020 година. Со планот ќе се пресметаат глобалните напори за крај на ТБ, кои се очекува да станат значително поамбициозни и ефективни во следните пет години, драстично менувајќи го начинот на кој ќе се спроведуваат програмите за ТБ. Ќе се нагласи она што е потребно за да го постави светот на вистински пат, постигнувајќи ги целите од Глобалната стратегија за туберкулоза по 2015 година.

Оваа година фокусот е насочен кон ставање крај на ТБ, не само на политичко ниво, со шефови на држави, министри за здравство, туку и на локално ниво со градоначалници, лидери на заедницата, луѓе заболени од ТБ,  претставници на граѓанското општество- невладини организации, здравствени работници, лекари и медицински сестри и други партнери. Сите можат да бидат лидери, да направат напор со цел ставање крај на туберкулозата на своето работно место или на терен.

Јас сум доктор, јас правам напор да ставам крај на ТБ, придружи ми се!

Светскиот ден на туберкулозата дава можност да се биде во центарот на вниманието и да се мобилизираат политичките и социјалните структури, со цел да се стави крај на ТБ.

Минатата година Светската здравствена организација објави дека 10.4 милиони луѓе се заболени од туберкулоза и дека во 2016 година имало 1.7 милиони смртни случаи (вклучувајќи ги и 0.4 милиони луѓе со ХИВ) што ја прави најголем инфективен убиец во светот. Над 95% од смртните случаи на ТБ се во земјите со низок и среден приход.

Оваа болест е длабоко вкоренета  кај популациите каде што човековите права и достоинство се ограничени. Секој може да дојде во контакт со ТБ, болеста напредува кај лица кои живеат во сиромаштија, заедници и групи кои се маргинализирани, мигранти  и други ранливи категории.

Состојба во Република Македонија

Во 2013 година во Република Македонија рeгистрирана е  преваленца на активна туберкулоза од 20,8 на 100 000 жители или 428 случаи. Во 2017 година во Република Македонија рeгистрирана е  преваленца на активна туберкулоза од 11,5 на 100 000 жители или 238 случаи. Овие бројки се  помали од превалeнцата во 2010 година, која изнесувала 29,8 болни на 100 000 жители. Во континуитет имаме постојано намалување на вкупниот број болни од туберкулоза за анализираниот период 2010-2017 година и стапката на преваленца, покажува тренд на постојано опаѓање. (Дијаграм1)

Преваленца на 100 000 жители во Република Македонија 2010-2017 година

prevalenca tbc

Во 2017 година во Република Македонија рeгистрирана е  инциденца на активна туберкулоза од 10,6 на 100 000 жители  или 220 ново заболени лица, додека во 2013 година инциденцата изнесува  15,7 на 100 000 жители  или 323 новозаболени лица од туберкулоза. Во анализираниот период 2010-2017 година, стапката  на инциденца, исто како и стапката на преваленца покажува тренд на опаѓање.  Македонија се вбројува во земјите со ниска стапка на инциденца од  земјите во европскиот регион. (Дијаграм2)

Инциденца на 100 000 жители во Република Македонија 2010-2017 година

incidenca tbc

Мерки за подобрување на состојбите

Сите форми на ТБ се лекуваат ако се дијагностицираат и третираат на време. Третманот вклучува земање на комбинација на лекови за шест до девет месеци, бидејќи некои туберкулозни бактерии се природно отпорни на еден или повеќе лекови што се препишани.

Со цел за што поуспешна контрола и лекување  на туберкулозата во Република Македонија, намалување на ризикот од ширење на инфекцијата, особено онаа предизвикана од резистентни соеви на Mycobacterium tuberculosis, спречување на коинфекција меѓу туберкулозата со ХИВ инфекцијата, неопходно е да се превземат сите расположиви превентивни мерки кои придонесуваат за рано откривање и спречување на болеста.

1.Активно пронаоѓање на случаи на туберкулоза кај ризични групи со селективна радиофотографија.

Rадиографски снимки кај ризични групи во кои спаѓаат: болни во психијатриски болници, затвореници во КПУ во Република Македонија, привремено раселени лица, зависници од дроги, мигранти и сл. Со цел рано откривање на болните од туберкулоза и други неспецифични белодробни заболувања се врши селективно радиофотографско снимање на  лица кај кои постои поголема опасност од заболување од туберкулоза.

2.ДОТ активности- под ДОТ активности се подразбира непосредна контрола на лекувањето и следење на болните со туберкулоза, како и здравствено воспитување преку разговор со болните и нивните семејства во домот на болниот.

Спречување на ширење на туберкулозата, преку лекување на новооткриените случаи на туберкулоза според стандардни режими на лекување препорачани од Светската здравствена организација.

3.Значителен придонес кон унапредување на грижата и третманот на ранливите категории како што се лицата со Хепатитис Ц или лицата со ХИВ/СИДА, како и  унапредени услови за навремена дијагноза и ран третман, се мерки и активности со кои сериозно се намалува можноста за понатамошно пренесување на ХИВ вирусот.

4.Водење на здрав начин на живот, е една од мерките која го намалува ризикот од ТБ. Луѓето кои се во лоша здравствена состојба се со поголем ризик, бидејќи нивната отпорност на болест е помала отколку кај здравите луѓе. Затоа од голема важност е да се консумира здрава храна, која вклучува многу зеленчук и овошје, месо со помалку маснотии, избегнување преработена храна и шеќери.

Физичката активност е од големо значење, вежбање најмалку 3 до 4 пати неделно. Вклучување на кардио вежби, како што се: пливање, трчање или веслање. Избегнување на лоши навики како што се: внес на алкохол,тутун и дроги. Одржување на лична хигиена, и што е најважно, потрошете што е можно повеќе време на чист воздух, планина и сл.

Сепак најдобра превентивна мерка е правилно и навремено лекување на секој болен од туберкулоза со што се прекинува ланецот на ширење на инфекцијата.                                

Подготвил: Институт за јавно здравје на Македонија; Сектор за промоција, анализа и следење на незаразни болести