4,2 милиони денари за иновативни проекти на основци и средношколци
Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за образование и наука на пригодна свеченост во просторите на Владатa во Скопје ги избраа најдобрите научно – истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки, кои ги изготвија ученици од основните и средните училишта и со истите аплицираат на таканаречениот „Предизвик за млади истражувачи“, кој предвиде распределба на 4,2 милиони денари за нивна реализација.
На настанот присуствуваше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми кој во своето обраќање пред присутните рече дека иновациите се многу важни за севкупниот напредок на една земја, особено за земјите како Република Македонија, кои немаат други алтернативи освен да вложуваат во знаењето, креативноста и иновативноста на своите граѓани и на тој начин да ги развиваат општествено – економските текови во нагорна линија.
Додаде дека актуелната влада има стратегија и план како да ја стимулира креативноста и способноста за развој на иновации, особено кај младата популација, а токму мерките и проектите како предизвикот за младите истражувачи ја потврдуваат цврстата заложба во таа насока.
„Повикот беше објавен кон крајот на минатата година и беше одлична можност да се види проактивноста во начинот на размислување на младите, желбата за креирање и понуда на нешто ново. Морам да признаам дека интересот прилично ме изненади. Вкупно 98 апликации, сите квалитетни и интересни. А тоа значи само едно – дека оваа земја има креативна младина и не треба да се грижи за перспективноста на иднината“, рече Адеми.