23/11/2024
Спорт

50 години македонско карате

Агенцијата за млади и спорт во соработка со Карате федерација на Македонија одржа прес-конференција по повод јубилејот „50 години карате“ во Македонија и истовремено го најави меѓународниот карате турнир, кој на 16 декември ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“.

„Еден од најголемите планирани проекти на Агенцијата за млади и спорт е Олимписката програма со сите припремни и натпреварувачки настани, во која каратето како нов олимписки спорт ќе има важен удел. Присуството на врвни Македонски карате медалисти од различни возрасни категории, тргнувајќи од, Наташа Илиевска, носител на Националното спортско признание, како и Емил Павлов и Берат Јакупи, носители на Категоризирани спортисти од светска категорија, па се до легендите на Македонското карате Назим Куртовиќ на едно место е од голем предизвик и мотивација за сите млади спортисти“, – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.

Наташа Илиевска зборуваше за важноста на еден ваков јубилеј, посакувајќи нејзиниот најголем спортски успех, злато на Европски шампионат новите генерации да го претворат во медал со олимписки предзнак.

Еден од легендите на македонското карате, Назим Куртовиќ истакна дека платформата изградена од неговата генерација македонски каратисти достојно ја надградуваат новата генерација каратисти и тоа со освоени медали на светски натпреварувања.

На пресот свое излагање имаа златните европски медалисти Емил Павлов и Берат Јакупи, како и селекторот на ката тимот Стојан Андриевски, кои сите во суштина го изразија своето задоволство од висината на квалитетот на која денес се наоѓа македонското карате.

Сите присутни ќе бидат дел од јубилејниот карате турнир, кој оваа година ќе пречека повеќе од 100 високо пласирани каратисти, од 10 земји. Покрај домашните, на турнирот ќе настапат каратисти од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Црна Гора, Србија, Хрватска и Словенија.

Натпреварите започнуваат од 10:30 во ВИП Арена СЦ „Борис Трајковски“.