22/11/2024
Македонија

62 седница на Владата на РМ

Владата на денешната седница ја одобри одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината, со нацрт – договор за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштво за производство, трговија и услуги БАУМЕР ДООЕЛ Скопје, чија матична компанија е Baumer Holding AG од Швајцарија.

Ова е 10-та поддршка за странска инвестиција според новата програма за поддршка на економскиот план на Владата на РМ.

Владата на Република Македонија, на 62 седница, го разгледа и усвои Полугодишниот извештај за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд (ПКФ), структурата по банки учеснички, како и состојбата на салдото, и го овласти д-р Драган Тевдовски, министер за финансии, со Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје (МБПР) да потпише Анекс кон Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд бр.51-422/1 од 21.01.2011 година склучен меѓу Владата на Република Македонија и МБПР.

Со Анекс на Договорот склучен со МБПР ќе се намали каматната стапка за банките учеснички од 3% фиксно годишно на 2% фиксно годишно, ќе се намали каматната стапка за крајните корисници од до 8% годишно на до 5% годишно, ќе се зголеми максималниот рок на отплата на кредитите од 8 на 10 години и ќе се овозможи пласирање на кредити со намена и само за обртни средства со рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период до 6 месеци и со тоа ќе се обезбеди поголема поддршка на развојот од страна на Банката.

Како дополнителен заклучок, Владата ја задолжи Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје да подготви Стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонски компании, со поконкурентни цени и услуги, како и подобрување на условите за осигурување на извозот на македонски производи и во рок од 15 дена да ја достави до Владата.

Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за надминување на проблемот со канцелариски простор и депото на Државниот Архив, и по широките консултации и анализи на теренот, донесе предлог – решенија за решавање на овој прашање кои предвидуваат изградба на нов објект за Државниот архив. Владата го задолжи Државниот архив, до конечната реализација на ова решение, да спроведе постапка за санација за спречување на протекување на атмосферска вода во постоечкиот објект на кеј Димитар Влахов.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со донесување на Национална Стратегија за мали и средни претпријатија (МСП) 2018-2023, со Предлог-стратегија и акциски план. Стратегијата за МСП дефинира рамка за соработка меѓу чинителите од јавниот и приватниот сектор и граѓанското општество со цел поддршка на развојот на МСП и иновативноста во насока на зголемување на нивната конкурентност.

Целите на стратегијата се да се создаде поволно деловно окружување во коешто се поттикнуваат претприемништвото и инвестициите, да им се помогне на МСП да станат високо продуктивни и конкурентни учесници на европскиот и другите меѓународни пазари, и да се поттикне економската конкурентност на Македонија преку зголемување на претприемачкиот и иновативниот капацитет на МСП.

Стратегијата за МСП е изготвена во согласност и со Актот за мали претпријатија (АМП) на Европската унија.

На предлог на Министерство за внатрешни работи, владата денеска го утврди текстот на Предлог – закон за странци, со кој се врши усогласување со европското законодавство во областа на миграцијата, односно условите за влез, визите, одобрувањето на престојот и враќањето на странец со незаконски престој.

Владата да ја разгледа и усвои Информацијата со новиот ревидиран текст на Акцискиот план за воспоставување на надворешен механизам за контрола над работата на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција, со кој се дефинираат клучните активности за воспоставување на надворешниот механизам, надлежните институции и временските рокови за нивна имплементација, проценка на потребните финансиски средства и нивното обезбедување во буџетот на соодветните институции.

На предлог на Министерството за одбрана, денеска владата ги разгледа и усвои предлог – oдлуките за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировните операции „Одлучна поддршка“, во Авганистан, и „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

Министерството за здравство на денешната седница информираше за оранизацијата на 39-иот состанок на Бордот на Глобален фонд во Скопје, кој треба да се одржи од 9 со 10 мај 2018 година, како и за организацијата на Министерскиот состанок на земјите од Југоисточна Европа на темата „ Одржлив одговор за ХИВ и туберкулоза“ на 7 мај оваа година.

На оваа седница владата ја одобри предлог-одлуката за прогласување на Манастирот Св. Андреја – Матка, во општина Сарај, изграден во 1388 – 1389 година, за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата големо значење.

На денешната седница владата го разреши Мите Костадинов од функцијата Претседател на Управниот одбор на АД Водостопанство на Република Македонија, а Муамет Хоџа е именуван за втор портпарол на Владата на Република Македонија.