65-та седница на Владата на РМ
На редовната 65-та седница Владата на Република Македонија разгледа повеќе точки од планот за работа и донесе одлуки кои се од интерес на граѓаните.
На предлог на АД за производство на електрична енергија, „Електрани на Македонија“, во државна сопственост, Скопје беше разгледана информацијата за текот и активностите за проектите ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште. Владата на Република Македонија ги задолжи Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и Министерството за економија да формираат меѓу ресорска комисија со претставници од повеќе министерства и државни претпријатија да подготви препораки за понатамошни активности за продолжување на проектот.
Министрите на денешната седница, на барање на Министерството за економија го разгледаа Извештајот за преговори со усогласен текст на договорот за соработка во областа на туризмот меѓу владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина.
На денешната седница беше разгледана и усвоена програмата за изменување на годишната инвестициона програма на ЈП ХС „Злетовица“, Пробиштип и ребалансот на финансовиот план, а беше разгледан и годишниот извештај за работата на Геолошкиот завод на Република Македонија.
Министрите денеска разгледаа информација и донесоа заклучоци за кадровската екипираност на инспекциските служби во Република Македонија со план за нивно доекипирање.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше разгледана информација за промоција на Република Македонија како земја – партнер на 56-тото издание на Самитот АГРА 2018 во Република Словенија.
Владата на Република Македонија на денешната 65-та седница го усвои текстот на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи со кој се унапредуваат работничките права.
На предлог на Министерството за култура министрите ја усвоија предлог програмата за користење на средства за изградба на спомен обележје на Тодор Проевски во Крушево со која средствата обезбедени во буџетот се префрлуваат на општина Крушево.
На предлог на Собранието на РМ, Владата на Република Македонија даде позитивно мислење за повеќе измени и дополнувања на законски решенија, меѓу кои предлог- законот за измени и дополнување на законите за лекови и медицински помагала, за санитарни и здравствени инспекторати, за јавни набавки, за инспекциски надзор, за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија и.т.н. За предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини Владата на Република Македонија дополнително ќе се произнесе.
На денешната седница на предлог на Министерството за одбрана беше разгледана информацијата за зголемување на придонесот на Република Македонија во мисијата на НАТО “Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од август до ноември 2018 година.
Министрите разгледаа информација за прогрес на реализација на акцискиот план за пристапни рампи за лицата со инвалидност, како и информацијата предложена од Министерството за информатичко општество и администрација за статусот на реализација на Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2016-2018 година.
Како материјал за информирање на владината седница беа разгледани извештајот за тековниот статус на болниците во процесот на акредитација, за периодот јули – септември 2017 година, извештајот за реализација на Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2017 година, како и информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за зима 2018.