22/11/2024
Македонија

66-та седница на Владата на Република Македонија

Во рамки на денешната 66-та седница министрите ја разгледаа и ја прифатија Предлог-одлуката со која се утврдуваат стратешките приоритети во работењето на Владата на Република Македонија за 2019-та година.

Дел од нив се: 

– развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните;

– Република Македонија – членка на НАТО и ЕУ;

– одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата;

– јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа;

– реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија;

– реформи во правосудството;

– целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за клучните наоди и препораки од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година. Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања да го консолидира Планот 2018 со внесување на соодветните елементи од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година во рок од 7 дена. Дополнително, се задолжува ад хок работната група да го дополни План 2018 со соодветните препораки од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година.

На денешната седница како материјал за информирање беше разгледана информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандум за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти од ЕУ и од светот.

Владата на Република Македонија како материјал за информирање ја разгледа и ја усвои Информацијата за потпишување на договор за заеднички придонес помеѓу Владата на Република Македонија и УНФПА за имплементирање на дел од мерките за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата.

На денешната, 66-та седница Владата одлучи да се отворат почесни конзулати на Република Македонија во Турција, со седиште во Едрене и во Казахстан, со седиште во Алмати. Во исто време, за почесен конзул на Република Македонија во Турција е именуван Есер Џевахир, додека за почесен конзул на РМ во Казахстан е именуван г-дин Султан Мукшаев.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, на седницата беа прифатени Предлог-законите за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог-законот за приватни агенции за вработување.

Владата на Република Македонија на седницата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд за периодот од октомври 2017-та до март 2018-та година. Владата го задолжи Кабинетот на Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори, како Назначен национален орган да ја информира Владата за реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд најдоцна до 30.10.2018 година, а по потреба и порано.

Министрите на седницата ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за одржан координативен состанок за изнаоѓање начин за обезбедување финансиски средства потребни за реализација на единствениот комуникациско информативен систем со единствениот Европски број за итни повици Е-112 во Република Македонија. Дополнително, претставници од неколку министерства и надлежни институции треба да формираат меѓу ресорска група (оперативен тим), со цел преземање на активности за реализација и имплементација на Системот за итни повици Е-112 во Република Македонија и во најкраток можен рок да подготват Информација и истата да ја достават до Владата на Република Македонија.