75 години слободен Охрид
Во рамки на одбележувањето на 7-ми Ноември- Денот на ослободувањето на Охрид, градоначалникот, Константин Георгиевски се обрати на Свечената академија што претпладнево се одржа во ОМУ „Методи Патче“.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Георгиески истакна:
– Денеска Охрид празнува, чествува и се потсетува на храброста и пожртвуваноста на охриѓани кои пред 75 години во борбата против фашистичкиот окупатор ги вградија своите животи за слободен град. Историја забележала многу датуми, но само 7- Ноември е поврзан со борбата за слобода на Охрид и охриѓани. Со пожртвуваност и храброст, умешност и мудрост нашите сограѓани ја донеле толку посакуваната слобода удирајќи ги темелите на современ град. Животот е часовник. Стрелките се движат напред. Секое завртување е показател за едно одминато и сегашно време, а просторот меѓу бројките е наша постојка на која застанувајќи за миг стануваме свесни дека без минато иднина нема. Не заборавајќи го делото на нашите предци,на крваво спечалената слобода го градиме и развиваме Охрид, продолжувајќи онаму каде што генерациите пред нас застанале. Секогаш неуморни и родољубиви во заедништво, солидарност и почит едни кон други го надградуваме и развиваме нашиот убав Охрид претворајќи го во заеднички напреден и праведен дом, онака како што го сонувале и посакувале нашите борци. Од ослободувањето до денес многу нешта се промениле но не и напорите на темелите на правдата , исправното и доброто да го развиваме Охрид како значаен економски , туристички, културен и образовен центар. Продолжувајќи го аманетот на нашите предци да ја сочуваме со животи платената слобода го градиме и разубавуваме Охрид. Чесно и посветено работиме на крупни проекти за подобра иднина на сите граѓани. Конечно го решивме деценискиот проблем на градот, раздолжување на општина Охрид, работиме на реконструкција и изградба на колекторскиот систем. Градиме улици, патишта и тротоари. Ги подобруваме условите за образование на нашите деца. Реконструираме училишта, градиме нови спортски сали. Денеска во современ Охрид кој е идеален склоп на традиционалното и модерно време со понос и посебен пиетет се присетуваме на секој живот и секоја жртва дадена за слободата на Охрид кои се траен потсетник и патоказ за изградбата на уште поуреден и понапреден град. Нека ни е честит и вековит 7-ми Ноември, денот на ослободувањето на Охрид од фашистичкиот окупатор и неговите сојузници- рече Георгиески.
Свечената Академија беше заокружена со културно- уметничка програма.
Денеска попладне со свечена приредба во НУЦК „Григор Прличев“ ќе биде одбележан патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“’, а во ОМУ „Методи Патче“ учениците ќе го одржат Седмоноемврискиот концерт.