26/11/2024
Македонија

8-ми септември – Ден на независноста на Македонија

Денот на независноста во Македонија е државен празник кој се празнува во земјава на 8 септември. Овој празник ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Република Северна Македонија и македонскиот народ.

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ. Врз основа на плебисцитот од декември 1990 година на кој словенечкиот народ со уверливо мнозинство се определи за градење суверена држава и Декларацијата за независност, на 24 јуни следната година Словенија прогласи независност. Веднаш по тој чин дојде до оружени конфликти меѓу ЈНА и словенечката територијална одбрана. Воениот судир заврши за триесетина дена со Брионската декларација и повлекување на единиците на ЈНА од Словенија во Србија и во БиХ.

Истиот ден заедно со Словенија, врз основа на одлука на Саборот независност прогласи и Хрватска. На 6 мај избија нереди, а потоа дојде и до престрелки во и околу поморската база „Лора“ во Сплит. Прва жртва на немирите беше војникот Сашо Гешковски од Кавадарци, кој извршуваше стражарска служба.

Сплитските настани беа почеток на зачестените инциденти и оружени пресметки меѓу силите на Југословенската народна армија и Хрватската национална гарда кои потоа добиваа сè повеќе на интензитет, се проширија и пераснаа во отворен оружен конфликт.

Тоа создаде и хаотична состојба и во БиХ со прогласувањето на Источна Херцеговина, областа Романија и Босанската Краина за Српски автономни области кои се ставија под директна јурисдикција на сојузната власт, односно на раководството во Србија.

Со цел мирно решавање на кризата, на 27 август Eвропската заедница донесе Декларацијата за Југославија. Беа потпишани и два документи – Спогодба за прекин на огнот, една од многуте безуспешни што потоа ќе следат и Меморандум за проширување на посматрачките активности на ЕЗ во Југославија со кои се операционализираше Декларацијата.

Потпис на Декларацијата ставија тогашниот претседател на претседателството на СФРЈ Стипе Месиќ, од име на Сојузниот извршен совет Анте Марковиќ, како и претседателите на сите шест републики. Од името на ЕЗ Декларацијата ја потпиша Ханс Ван ден Брук, претседател на Министерскиот совет и шеф на дипломаријата на Холандија, која тогаш претседаваше со Заедницата. Со Декларацијата се гарантираше неповредивост на надворешните и внатрешните граници, право на изјаснување на народите за сопствениот суверенитет, негирање на употребата на сила како политика на свршен чин, а во спротивно се предвидуваа ригорозни санкции.

ЕЗ како последен обид да ја спречи граѓанската војна која се наѕираше од развојот на југословенската криза, на 7 септември во Хаг организира Мировна конфренција за Југославија.

Согледувајќи ја состојбата во Југославија првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година. По што следуваше и одлуката за распишување на референдум на 8 септември 1991.

На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Република Македонија кои се изјасниле „за“ самостојна и суверена Македонија.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски Македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.