98 седница на Владата
На предлог на Министерството за здравство, на денешната седница е донесена одлука до Собранието на РМ да биде доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, во кој, меѓу другото, се укинува принципот по плаќање по учинок на здравствените работници и основната плата и делот за успешност ќе се утврдува согласно колективниот договор, како создавање на услови за обезбедување здравствени работници во јавните здравствени установи преку преземање од приватните здравствени установи.
Владата на Република Македонија на денешната седница, на предлог на Секретаријатот за европски прашања, ја прифати одлуката да ги задолжи сите министерства во Владата до 2 ноември да ги достават пополнетите прашалници како содржина за редовниот извештај за напредокот на земјата што секоја година го изготвува Европската Комисија на ЕУ.
На денешната седница Владата на Република Македонија донесе одлука да ја поздрави одлуката на Европската Унија да ѝ додели дополнителни финансиски средства во износ од 8.042.982 евра за секторите транспорт и животна средина и климатски промени, како награда за добра изведба на реформските процеси во процесот на европските интеграции.
Владата го разгледа и усвои Извештајот од одржаните пристапни разговори за членство на Република Македонија во НАТО, одржани на 18 и 19 октомври 2018 година, во седиштето на Алијансата во Брисел.
Во согласност со планот за пристапување на Република Македонија во НАТО, следниот чекор по завршувањето на состанокот на ниво на заменици шефови на Мисии на земјите членки, во формат 29+1, треба да биде потпишувањето на Протоколот за пристапување, по што ќе почне процесот на неговата ратификација од страна на членките на НАТО.
На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата денеска го донесе новиот текст на Уредбата за изменување на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување, давање под закуп и засновање на право на стварна службеност.
Со новата уредба висината на трошоците ќе изнесува 10% од вредноста на банкарската гаранција за сериозност на понудата, но не повеќе од 15000,00 денари.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од фазно финансирање и реализирање на изградбата и инсталацијата на електронскиот систем за наплата на патарини во Република Македонија.
На денешната, 98 седница на Владата на РМ, беше разгледана и усвоена Информацијата за обезбедување на финансиски средства за подготовка на тендерска документација за издавање на управувањето со комунален отпад во Југозападен, Пелагониски, Вардарски и Југоисточен плански регион под концесии.
Во рамките на оваа точка, Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ја продолжи постапката за информирање на општините Росоман и Дебарца за позитивните ефекти од изградба на регионалните центри на нивната територија, до конечно потпишување на Одлуките од страна на Советите на овие општини.
На седницата одржана денеска, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Акцискиот план за Регионална економска област и за формирање на Координативно тело за градење и спроведување на Регионалната економска област во Западен Балкан.
Како дел од реформите во јавната администрација, не денешната седница Владата на РМ го прифати најновиот текст на Акцискиот план за реорганизација/оптимизација на органите на државната управа, со цел воспоставување на развиена кохерентна институционална поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби од централната власт со предлог акциски план, и го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација во рок од еден месец по усвојувањето на Информацијата да формира меѓуресорска работна група од раководни административни службеници која ќе го координира процесот на реализација на Акцискиот плани на секои три месеци да ја информира Владата за прогресот на активностите.
На оваа своја седница го усвои најновиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за ученичкиот стандард, и донесе одлука, согласно член 137 од Деловникот на Собранието, да го достави до Собранието на Република Македонија.
Со предложените измени во Законот за ученичкиот стандард се дава можност Министерството за образование и наука да додели средства на јавните ученички домови, односно на јавните средни училишта во чиј состав има ученички дом, за трошоци за тековно работење во однос на режии за греење, електрична енергија, потрошена вода и слично, за потребите на ученичкиот дом, доколку настанат непредвидливи ситуации кои ги зголемиле трошоците, а не можеле да се предвидат и планираат во нивните буџети.
На денешната седница, Владата на РМ ја разгледа информацијата за потребата за основање на нова Национална установа „Гостиварски театар“ – Гостивар, и донесе одлука за нејзино основање, имајќи го предвид мислењето на Министерството за финансии, како и оправданоста за основање на нова национална установа.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од изнаоѓање Решение за стопанисување и управување со Комплексот Македонско село во Нерези-Скопје, и донесе одлука за формирање работна група за разгледување на сите аспекти на новонастанатата фактичка состојба, која ќе треба, врз основа на анализата на сите законски решенија, да предложи постапката со која ќе се обезбеди продолжување на стопанисувањето и управувањето со комплексот Македонско село.