Адеми: Континуирано инвестираме во подобрување на условите во основните и средните училишта
На денешната прес-конференција посветена на капиталните инвестиции кои што се реализирани и коишто се во тек, министерот за образование и наука во своето обраќање истакна:
Министерството за образование и наука во континуитет инвестира во подобрување на условите во основните и средните училишта. Целта е да им се овозможи на учениците максимални услови за непречено следење на наставниот процес. Во периодот кој следува, со средства од Буџетот на Министерството, презедовме активност за објавување на Јавни набавки, не само за реконструкции, туку и за изградба на нови училишни објекти. Истите јавни набавки веќе се објавени во Електронскиот Систем за Јавни Набавки.
Би сакал прво да напоменам дека Комисијата за јавни набавки при Министерството за образование и наука веќе пристапи кон евалуација на понудите од јавните набавки за техничка документација и ревизија, за опожарениот училиштен објект на Подрачното основно училиште “11 Октомври” во Ново село, општина Боговиње. Станува збор за објект кој во целост изгоре во пожарот кој се случи во октомври 2017. По изработка на техничката документација ќе следи објава на јавна набавка за реализација на градежни работи со цел да се стави во функција училишниот објект, каде настава треба да следат околу 210 ученици од прво до деветто одделение. Доколку се одвиваат сите работи по зацртаната динамика се надеваме дека опожарениот објект ќе се стави во функција на почетокот на второто полугодие.
Согласно планот и програмата за работа на Министерството за образование, веќе е објавена повеќегодишна Јавна набавка за изградба на нов училиштен објект во општина Студеничани. Со реализација на овој проект учениците од с. Батинци и с. Љубош ќе добијат нов објект со сите стандарди пропишани со Законот за градење. Планирани и обезбедени за оваа инвестиција се вкупно 55.460.000,00 денари во три фискални години (2018/19/20). Објектот е планиран за капацитет од 300 ученици. Објектот ќе ги исполнува и законските услови за енергетска ефикасност со што корисникот повеќе нема да се соочува со големи трошоци во текот на одржувањето.
Втората јавна набавка е делива набавка со седум дела, а вкупна проценета вредност на набавката е 77.888.000,00 денари. Со оваа Јавна набавка се опфатени училишните објекти за кои Министерството има веќе изготвено технички документации:
Комплетна реконструкција на Подрачно Основно Училиште „Димката Ангелов – Габерот“ во с. Прждево, општина Демир Капија, која ќе опфаќа не само реконструкција на внатрешноста на училиштето туку и на фасада, а посебен осврт е даден на обезбедувањето на пристапни патеки за непречено движење на лицата со инвалидност.
Во Подрачното основно училиште „Јосип Броз Тито“ во с. Радожда општина Струга, со реконструкцијата е планирано воведување на централно греење со котел на пелети, како и замена на столарија со цел за подобрување на енергетската ефикасност на училиштето. Исто така ќе бидат заменети подовите и внатрешната столарија само на места каде се најмногу оштетени. И во овој објект водено е грижа за исполнување на законската обврска за обезбедување на пристапни патеки за непречено движење на лица со инвалидитет.
Во ОУ „Единство“ во с. Октиси општина Струга, по барање на корисникот и приложена спецификација за замена на стар и дотраен котел, Министерството позитивно одговори и пристапи кон реализација со цел да се надмине проблемот со кој се соочува корисникот неколку години.
Поради комплексноста на објектот ОУ „Васил Главинов“, во општина Чаир и покрај тоа што е изготвена техничка документација за сите делови од објектот, во оваа ПРВА фаза планирана и објавена е јавна набавка за реконструкција на Блок А, В и Г со што во училниците ќе се заменат дотраените градежни материјали (подови, врати, електрика) ќе се санираат ѕидовите и ќе се реконструираат тоалетите со цел да се обезбедат услови и за лицата со инвалидитет. Комплетната реконструкција на останатиот дел се планира за 2019 година.
Комплетна реконструкција на Ученичкиот дом кој е во склоп со Средно Општинско Училиште ,,Кочо Рацин“ – Земјоделско училиште, општина Свети Николе. Поради комплексноста на објектот кој се состои од три правни субјекти (гимназија, земјоделско училиште и ученички дом) во оваа фаза ќе се интервенира само во Средното земјоделско училиште и Ученичкиот дом кој е составен дел на комплексот. Со реализација на овој проект учениците и корисниците на домот ќе добијат современи услови за нормално следење на наставата и пријатен престој во сместувачките капацитети кои во моментов не ги исполнуваат ни минималните услови.
Во Средно општинско училиште „Ѓошо Викентиев“ општина Кочани од страна на корисникот беше побарана замена на подови и столарија, во оваа фаза ќе се реализира само делот за замена на столарија со цел да се подобри енергетската ефикасност на училишниот објект и да се намалат трошоците на енергенси на корисникот.
За училишниот објект Средно Општинско Училиште „Гостивар“ од општина Гостивар, реконструкцијата на првата фаза се одвиваше во 2017 г., а сега пристапуваме кон реализација на втора фаза која опфаќа реконструкција на системот за греење со изведба на нова котлара на пелети, како и реконструкција на кров на спортската сала која е во склоп на училиштето.
Сакам да напоменам дека нема да застанеме со инвестирањето за да ги подобриме условите на сите ученици во Република Македонија,
Во меѓу време работиме и за подобрување на условите во студентските домови. Во академската 2018/2019 година очекуваме да завршат градежните работи во комплексот на Студентскиот Дом „Гоце Делчев“ во Скопје во двата блока (В и Г). Градежните работи, кои почна во мај 2017 г. според утврдените рокови очекуваме да завршат во месец септември ова година. Вкупната вредност на инвестицијата за реконструкција на СД „Гоце Делчев“ за двата блокови изнесува 162.087.284 денари.
На почетокот на месец август 2018 година ќе почне постапката за набавка на нов мебел за потребите на 18 Ученички домови во вредност од 50.000.000 денари, кој ќе овозможи подостоинствени услови за сместување и учење. Корисниците на ученичките домови, ќе добијат нови кревети, душеци, маси, столици, полици, гардeробен ормар, перници и др…
Од следната година се планира да се продолжи со реконструкција на останатите домови, а динамиката ќе се направи согласно расположливите финансиски средства. Подобрување на условите во ученичките и студентските домови е со особено значење. Да потенцираме дека во учебната година 2017/2018 во ученичките домови беа сместени околу 2.400 ученици, додека во студентските домови над 5.500 студенти. МОН партиципира годишно со околу 180.000.000 денари за сместувањето и храната на учениците и 200.000.000 ден за студентите. Тука не влегуваат паричните средства за стипендиите на учениците и стипендии на студентите по категории во вредност од 400.000.000 денари.
Од септември, со нова спортска сала, учебната година ќе ја започнат учениците од Средното општинско училиште „Перо Наков“ (Бедиње, Куманово), од Основното Училиште „Тодор Хаџи Тефов,, (Кавадарци), од Основно Училиште „Мустафа Ататурк“ (Гостивар) како и од ОУ ,,Сабедин Бајрами,, (с. Камењане). Продолжуваат градежните работи за спортските сали во Чашка, Виница, Јосифово, Черкези, Шипковица и Лабуниште. Овие сали најверојатно ќе бидат готови наредната учебна година, а обезбедени се и паричните средства.