25/11/2024
Македонија

Адеми во Брисел: Се залагаме за интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор

Министерот за образование и наука Арбер Адеми учествува на седмиот министерски состанок кој денес и утре се одржува во Брисел, а го организира Европската комисија во рамки на Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан.

На првиот ден од состанокот, министерот Адеми се обрати на панел дискусијата посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во областа на науката и истражувањето, на која истакна дека Владата на Република Македонија е свесна дека најдобра алтернатива за општествено – економски напредок, освен во образованието се и вложувањата во науката, истражувањето и иновациите и токму затоа, преземени се бројни активности и започнати се низа проекти кои на среден и долг рок треба да обезбедат напредок на овие сфери.

Меѓу другото, тој се осврна и на новата Стратегија за образование на земјата за периодот до 2025 година, за која како што рече е значаен стратешки документ кој значително ќе помогне во остварувањето на приоритетната владина цел, а тоа е интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор. Потенцираше дека Стратегијата е изработена и ќе се реализира заедно со сите засегнати страни, што според него, претставува гаранција за ефикасност и ефективност.

Подетално по однос на активностите кои произлегуваат од Стратегијата ќе се произнесе во текот на утрешниот ден, за кога се предвидени и панел дискусии посветени на предизвиците и политиките за развој на основното, средното и високото образование во земјите од Западен Балкан.

На министерскиот состанок присуствуваат и високи претставници на Европската комисија и Генералниот директорат за образование и култура, Директоратот за проширување како и министрите и високи претставници на министерствата за образование на Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.

Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан е создадена во 2012 година и има за цел да иницира поголема соработка помеѓу институциите на системот во сите земји од регионот, со цел да се разменуваат позитивни примери и искуства, да бидат детектирани образовните предизвици и да се обезбеди заеднички пристап за нивно надминување.