23/11/2024
Спорт

Адис Јаховиќ се повлекува од репрезентацијата на Македонија

Репрезентативниот напаѓач, Адис Јаховиќ се повлекува од македонската А репрезентација.

Адис Јаховиќ долги години со успех настапува во турското првенство и едноставно вели дека сега е време за збогум од репрезентативниот дрес, бидејќи повредите и возраста во голема мера бараат повеќе време за одмор и закрепнување. 

Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа. Не само заради мене, туку и поради репрезентацијата, соиграчите и селекторот.

Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа.

Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи од репрезентацијата и целиот стручен штаб. Благодарност за селекторот Благоја Милевски за соработката и целата поддршка. Минавме и тешки и радосни моменти. Спомените ќе ги чувам засекогаш.

Во оваа репрезентација има талент и квалитет. Убеден сум дека ќе продолжат да напредуваат и да ја радуваат македонската спортска јавност. Оваа генерација на македонски фудбалери зад себе веќе има големи резултати и се што треба е да продолжат да даваат се од себе на секој натпревар за Македонија. Во победа или пораз, навивачите тоа го ценат.

Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и цела репрезентација.

Напред Македонија“. – стои во дописот од Адис Јаховиќ до Фудбалската федерација на Македонија и А македонската репрезентација.

Селекторот на македонската А селекција, Благоја Милевски повеќе нема да може да смета на напаѓачот кој има 19 настапи и три голови во дресот на Македонија. 

„Адис Јаховиќ е вистински професионалец кој уживаше да биде дел од македонската репрезентација. Навистина ни е жал што поради здравствени причини во последниот период беше спречен да и помогне на селекцијата, но во моментите кога беше со тимот знаеме колку значеше за сите наши успеси. Благодарност за неговиот придонес во репрезентацијата. Му посакуваме уште многу радосни моменти на фудбалските терени и надвор од него. Пред се, многу здравје.“ – велат од ФФМ.

Адис Јаховиќ дебитираше за Македонија на 14. ноември 2012 година на пријателскиот натпревар против Словенија.


WebOhrid / 12.09.2022 / ФФМ