Административни службеници при Скопје оштетиле граѓани за 3.410.366 денари
Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Ј.С.(25) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против С.Е.(37) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „компјутерска измама“ и „компјутерски фалсификат“. Од страна на судија од претходна постапка на двајцата пријавени им е изречена мерка – претпазливост.
Според документираните сознанија од истрагата, пријавените во својство на службени лица вработени во администрацијата на Град Скопје, Ј.С. како помлад референт за архивирање на документација во Одделение за присилна наплата, прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци, а Е.С. како соработник во истото Одделение за стручни работи, во меѓусебен договор ја искористиле својата службена положба со цел стекнување на противправна имотна корист, а на штета на граѓаните – даночни обврзници и на штета на буџетот на Град Скопје и општините во градот Скопје.
Имено во текот на 2018 и 2019 година, Ј.С. се нудел на граѓаните да им изврши услуга за плаќање на износот на данокот во нивно име, доведувајќи ги во заблуда дека им прави само услуга за да не чекаат на шалтерите во банките каде се врши уплатата. Износот на данокот му го давале во готово, а тој наместо да го уплати целосниот износ, вршел уплата на минимален износ, а останатиот дел од примените парични средства ги присвојувал, односно ги делел со второпријавениот Е.С.
Е.С., бидејќи имал овластување да пристапува во компјутерскиот систем на Град Скопје, каде што се евидентираат уплатите на граѓаните по основ на данок, неовластено и во договор со Ј.С., вршел преправка на износот на уплатениот данок од Ј.С. и врз основа на така преправените податоци во компјутерскиот систем ги доведувал во заблуда службените лица на град Скопје кои биле задолжени за контрола на извршените уплати на данокот и заверка на договорите за промет на недвижност, на наследство или на подарок, во зависност од правниот основ, дека износот на даночниот долг е целосно подмирен. По заверката на договорите од нивна страна второпријавениот повторно неовластено пристапувал во компјутерскиот систем и ја враќал претходната состојба на даночниот долг.
На тој начин пријавените оштетиле вкупно 19 граѓани-даночни обврзници, за вкупен износ од 3.410.366 денари а за истиот износ го оштетиле буџетот на Град Скопје, како и општините на подрачје на град Скопје.