23/11/2024
Македонија

Агенција за филм на Македонија: „Јадран филм“ нема производ, парите ќе треба да ги вратат

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија на денешниот брифинг со новинарите во Владата на Република Македонија, ги информираше новинарите и јавноста дека согласно одлуката на Владата и согласно Законот за филмска дејност, оваа институција со која што тој раководи поведе постапки пред сите надлежни институции поради очигледните прекршувања на потпишаниот договор од страна на видео продукцијата „Јадран филм“ за реализација на играна серија „Македонија“, договор кој тежи 4.6 милиони евра.

Како што потенцираше директорот Тозија целта е со преземените чекори оваа државна институција да ги заштити парите на граѓаните и да ги врати во буџетот на Република Македонија.

„Иако сите рокови од договорот се поминати, до ден денеска Агенцијата за филм нема добиено од продукцијата ниту серија, ниту документи, нема ниту никакви известувања каде уплатените пари за првата серија во висина од 80 %, односно 68 милиони денари се потрошени. Договорот за серијата изнесува 4 милиони и 602 илјади евра. Првата серија е финансирана со една уплата, што е невообичаено и нестандардно за филмска индустрија и телевизиски серии со 80%. После нашата преписка со продуцентот, престаната е комуникацијата, нема никакви одговори и Владата на Република Македонија донесе одлука да се раскине договорот и да се бара поврат на средствата“, изјави директорот Тозија.

Во тек е судска постапка за утврдување на одговорноста поврзана со проектот за кој на „Јадран филм“ му биле префрлени 1,1 милион евра пари од поранешната влада.

https://www.youtube.com/watch?v=cP27Lb6Nyvo