АХВ: Најголемиот дел од производите ги содржат основните информации во однос на означувањето
Најголем дел од етикетите на прехранбените производи во Македонија ги имаат основните информации за содржината и квалитетот, покажува истражувањето ,,Истражување на етикетите на одредени прехранбени производиво малопродажната мрежа,, што го спроведе Организацијата на потрошувачи на Македонија за Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на владината Програма за заштита на потрошувачите за 2017/2018 година. Со истражувањето беа опфатени 120 примероци по случаен избор од големите маркети, различни по вид и производител. Вклучени беа шест групи производи, житарки, преработки на овошје и зеленчук, месо, месни производи и риба, млеко и млечни производи, напитоци, масло, сол и зачини.
Според добиените резултати, отстапување е евидентирано во однос на немањето нутритивни табели за хранливата вредност (26 проценти), во однос на немањето декларации на македонски јазик (9 отсто), и во однос на податоци кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда (18 отсто).
„Истражувањето покажа дека само мал процент од етикетите имаат отстапувања што е потврда дека сите чинители во системот за безбедност на храната се сериозно ангажирани“, истакна директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов на презентацијата на резултатите која денес се доржа во Стопанската комора на Македонија.
Според него, податоците од етикетите на производите се во суштина означување на храната, а тоа е законска обврска на секој оператор, почнувајќи од производителите, трговците, увозниците и дистрибутерите.
„Овие прописи во Македонија се усогласени со прописите на ЕУ и претставуваат значајна информација за потрошувачите врз основа на која тие можат да направат вистински избор на храната, согласно сопствените потреби. Ова истражување е едно од првите истражувања на пазарот што ги спроведува Агенцијата, од неколкуте кои планираме да ги реализираме во наредниот период, со цел да направиме анализа на пазарот и проценка на имплементацијата на прописите, кои Агенцијата континуирано ги хармонизира со прописите на ЕУ,“ подвлече Атанасов.
Се одлучивме за вакво истражување, додаде тој, бидејќи податоците од етикетите на прехранбените производи, претставуваат значајна информација за потрошувачите, врз основа на која може да направат вистински избор на храна, согласно со сопствените потреби.
„Резултатите од истражувањето за мене претставуваат пријатна вест и уверување дека како институција правилно и навремено сме реагирале и одговориле на барањата на бизнис секторот за одложената примена на новата европска регулатива за означувањето во Република Македонија.Во насока на унапредување на политиките за заштита на потрошувачи во областа на храната планираме и понатаму да ја одржуваме и зајакнуваме соработката со граѓанскиот сектор“ – посочи Атанасов.
На денешниот настан детално беа презентирани резултатите од истражувањето пред сите заинтересирани страни – бизнис заедницата, граѓанските здруженија, институциите, медиумите.