Академик Фити: Реформите не смеат да се одложуваат
Реформата на основното образование треба да почне со радикално преиспитување на наставните содржини по одделни предмети и од нив треба да се исфрли се што е несуштинско и да се фокусираат на битните, трајните работи, рече академик Таки Фити по вчерашната дебата на членовите на Одделението за општествени науки на МАНУ и на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ со претставници на МОН, Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование.
„Не можеме да ги отфрлиме фактите. Учениците мора да знаат факти, бидејќи науката се гради со факти, но тоа не е куп на факти, туку факти коишто се меѓу себе поврзани, причинско-последичните врски, критичко размислување во логична и конзистентна целина. Без тоа не можеме. Поврзување на работите, односно имплементирање на она што во тие национални стандарди, како што ги вика стратегијата, е означено како претприемништво. Но, не претприeмништвото како предмет, претприемништвото како филозофија на размислување и на однесување. Гледање на можности, откривање на можности, искористување на можности. Од најмали нозе тоа треба да се прави“, рече академик Фити.
Фити посочи дека сите се согласиле дека реформите во основното образование се императив.
„Реформите не смеат да се одложуваат затоа што многу лошо стоиме и во поглед на длабочината на знаењата и во поглед на опсегот, значи и во поглед на квантитетот и квалитетот на знаења на нашите основци, споредени со оние на нивните врсници во високоразвиените земји, членки на ОЕЦД, и тука постојат факти, постојат меѓународни мерења коишто тоа апсолутно го потврдуваат и тој јаз има тенденција да се проширува. Затоа со реформи треба веднаш да се почне“, посочи академик Фити.