Акорди од гитарата на Чочај ќе одекнуваат во „Света Софија“
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на косовскиот гитарист Дрилон Чочај што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
На репертоарот ќе бидат изведени дела од Јохан Себастијан Бах,Фернандо Сор, Абел Карлеваро и Мануел Понс.
Виртуозот Дрилон Чочај со гитарата се запознава на седумгодишна возраст во кругот на семејството. Подоцна се запишува во музичкото училиште „Лоренц Антони“ во Призрен, а во 2004 година ги запишува своите додипломски студии на Академијата за уметност во Приштина, во класата на познатиот професор Џевдет Сахатџија. Под негово менторство Чочај ги завршува и постдипломските студии.
Во својата биографија Чочај запишува победа на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Арс Косово“ во Приштина, бројни солистички и камерни концерти во Косово, но и во Албанија, Шведска, Црна Гора, Германија, потоа учество на разновидни фестивали, како „Звуците на гитарата“ во Тирана, „Дам Фест“ и „Ре Музика“ во Приштина, познатиот фестивал „Шопен“ во Полска, Летниот фестивал во Улцињ и др. Често може да се сретне и како член на жирито на натпреварите: „Ехат Муса“ во Пеќ, „Арс Косово“ во Приштина, како и на некои натпревари по гитара во Тиват, Црна Гора. Дрилон Чочај во моментов работи како асистент на Факултетот за уметност во Приштина, професор во музичкото училиште „Пренк Јакова“ исто така во Приштина, и во музичкото училиште „Misbah & Friends“. Неговите студенти и ученици многупати се наградувани на интернационални натпревари. Значајни се и неговите мајсторски курсеви кои ги одржува во Косово, Албанија и Шведска.