Алаѓозовски: Помалубројните заедници се големо богатство за Македонија
Денес во Скопје во организација на Мисијата на ОБСЕ и Агенцијата за остварување на правата на заедниците се одржа тркалезна маса за унапредување на остварувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението, на која учествуваше и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски…
Тркалезната маса со поздравни обраќања ја отворија Гонзало де Чесаре, вршител на должноста Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и на раководителите на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, в.д директорот Илхан Рахман и в.д заменик – директорот Џелал Хоџиќ, кој воедно беше и модератор на настанот.
Веднаш потоа следуваа излагања на министерката за образование и наука на Република Македонија, Рената Десковска, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, кои зборуваа за политиките и реформите на Владата и ресорните министерства за унапредување на остварувањето на правата на помалобројните заедници во областа на образованието, културата, медиумите и правичната застапеност. По излагањата следуваше дискусија и одговарање на прашањата на учесниците.
Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски потенцираше дека културата на помалубројните заедници е големо богатство и заслужува почит и внимание. Тој се осврна на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Македонија која функционира како орган во состав на Министерството за култура од 2003 година, но посочи дека поради неразработената легислатива Управата се уште нема статус на правно лице, нема свој буџет, не може да биде носител на проекти.
„Наша цел е тоа да се промени, оваа Управа да добие можност за реализирање на активности и проекти, со цел нашите сограѓани да добијат вистински, оперативни и функционални механизми за унапредување на нивните права и негување на нивната култура“, истакна министерот Алаѓозовски.
Тој воедно посочи дека во изминатите месеци, Владата на РМ и Министерството за култура ја демонстрираа и во практика заложбата за едно општество за сите, преку давање поддршка за организирање на различни манифестации и настани преку Манифестацијата „Нов културен бран“, со кои се промовираше културата и уметноста и на помалубројните заедници во нашата земја, како и преку нивното вклучување во сите важни стратешки процеси за развој на културата и уметноста.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска се заложи за обезбедување соодветни учебници за заедниците кои се помалку од 20 отсто во Македонија и рече дека наскоро ќе биде надмината десетгодишната пракса, босанскиот јазик да е експериментален во наставата. Таа ја нагласи заложбата на Владата за обезбедување квалитетно образование на јазикот на заедниците што ќе се спроведува и со градење на соодветен наставен кадар што, како што рече таа, е еден од најголемите предизвици.
Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски потенцираше дека основа за планирање на застапеноста на припадниците на заедниците на централно и на локално ниво е пописот на население кој во земјава не е спроведен од 2002 година. Тој информира дека во институциите од јавниот сектор Турците се застапени со 1,61 отсто, Србите со 1,15, Ромите со 1,10, Бошњаците со 0,45, Власите со 0,43 и други кои не се изјасниле се околу 0,82 отсто.