Алаѓозовски: Холандските пријатели покажаа искрена почит кон македонскиот фолклор
Во просториите на НУ „Танец“-денеска брачниот пар од Холандија Питер Ендендајк и Анемик ден Аул на нашиот врвен ансамбл за народни игри и песни му предадоа дваесет плочи со нивна изворна музика, како и дигитализирани композиции…
Вљубениците во македонската изворна музика се колекционери на светска музика од 1962 година, и во својата колекција поседуваат над 8 илјади музички албуми од цел свет. Од нив 709 се со изворна музика од Македонија.
На свечениот настан се обрати министерот за култура, Роберт Алаѓозовски кој истакна дека ова е редок и возбудлив настан за македонско-холандското пријателство.
„Знаеме дека граѓаните на Холандија се големи и искрени пријатели на Македонија, но големо е изненадувањето и честа што вие, почитувани гости, и го приредувате на земјата и на македонското национално културно богатство. Вашата посветеност кон македонската музика, кон собирањето и чувањето ретки и скапоцени музички записи од ‘Танец’ покажува огромна љубов и високо ниво на почит кон творештвото на овој ансамбл, како и кон македонскиот фоклор и кон нашата земја воопшто“, рече Алаѓозовски.

Брачниот пар од Холандија од крајот на ’60-тите години ја посетува Македонија, а Питер Ендендајк, албумите што ги собирал низ годините, од пред десетина години почнал и да ги дигитализира и да ги става во програмата на податоци која ја подготвиле за да ја средат колекцијата. Тој денеска го презентираше својот труд, а на свечениот настан се обрати и холандскиот амбасадор, Ваутер Пломп кој рече дека тој самиот е официјален амбасадор во Македонија, но дека вистински амбасадори се овие негови сонародници.
Во просториите на „Танец“ во оваа пригода беше поставена и изложба на фотографии од тројца Холанѓани – Фред Волп, Марја и Карлус Коупман кои додека летувале на Охридското Езеро од 1973 до 1975 година ги фотографирале и снимиле музичарите на улиците во Струга, Охрид и околните села.


