Албански театар Скопје ја носи „Смртта на Дантон“ на „Охридско лето“
Во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридксо лето“ вечерва ќе биде изведена театарската претстава „Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер, во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на Албанскиот театар од Скопје.
Драмата што ја напишал авторот Бихнер во златниот период на германскиот романтизам кога имал само 22 години, зборува за револуционерните промени, но покажува и сомнеж за начинот на нивното спроведување. Суштината лежи во судирот меѓу Дантон и Робеспјер односно меѓу две различни сфаќања за тоа каква би требало да биде државата по спроведената револуција. Дантон од самиот почеток е прикажан како декадентен човек, склон на хедонизам, но неговите политички ставови се либерални и толерантни. Робеспјер пак, се колне во доблеста, за себе тврди дека има чиста совест, но ги убива сите кои размислуваат поинаку од него бидејќи, доблеста мора да владее со помош на терор.
Поради тој егзистенцијален фатализам, поради таквото спознание на еден млад -20-годишен човек оваа драма е толку нова и единствена. Покрај тоа „Смртта на Дантон“, поради користењето на богатиот документарен материјал и монтажата на цитатите и историските извори со авторската интерпретација на темата, во времето кога е напишана предизвикала многу контроверзии и ја чекала праизведбата повеќе од 60 години. Денес ова дело се смета за предвесник на т.н. документарен театар.
-Токму тој факт ни даде можност, но и обврска, со оваа претстава да проговориме за нашата современост. Економската криза нѐ слабее, социјалните неправди се модус за животот на мнозинството – неолибералниот капитализам безмилосно ги гази нашите егзистенции не оставајќи ни излез, теророт на медиумите ги става на гилотина неподобните, но на хоризонтот не се гледа радикална општествена промена. Го поставуваме прашањето: дали денес револуција е воопшто можна, вели драматургот на претставата Жељка Удовичиќ – Плештина.
Режисерот Дино Мустафиќ дипломира на академијата за сценски уметности во Сараево отсек режија, како и општа книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Режира во многу театри и градови како што се: Париз, Софија, Белград, Тирана, Љубљана, Скопје, Приштина, Подгорица и мнoгу други. Неговите претстави се изведувани ширум светот на различни јазици и имаат освојувано награди на многу домашни и меѓународни фестивали. Претставата „Хелверовата ноќ“ на Камерниот театар 55 влезе во историјата на Босанско-херцеговскиот театар како најнаградувана со 23 меѓународни признанија. Режирал над 80 претстави на класични и современи писатели. Снимил повеќе документарни филмови со кои бил на реномирани фестивали за документарен филм, Монтреал , Амстердам, Истанбул и др.
Сценаграфијата за претставата ја изработи Драгутин Броз, а костимографијата е на Инес Гоља.
„Смртта на Дантон“ ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.