Александар Јончевски е нов селектор на сениорската кошаркарска репрезентација
Александар Јончевски е новиот селектор на сениорската репрезентација на Македонија, одлучи раководството на Македонската кошаркарска федерација.
Јончевски (41 година) е тренер што долги години е дел од стручниот штаб на репрезентацијата, а на позицијата на селектор на „А“ тимот, доаѓа како асистент-тренер во стручниот штаб во кој во изминатиот период беше Драган Бајиќ.
Тој првпат беше асистент во националниот тим на Марјан Лазовски во квалификациите за Олимписките Игри што се одржаа во Венецуела, а потоа му помагаше и на Марјан Србиноски на Евробаскетот во 2015 во Хрватска. Претходно беше и во тимот на соработници на селекторот Јорданчо Давитков.
Во работата со нашата најдобра селекција на Јончевски ќе му помагаат Никола Василев, актуелен селектор на нашата машка селекција „Под 20“ години, Никола Велев, кој е асистент-тренер во селекцијата „Под 18“ години-мажи, како и Сашо Пецев, кој ќе биде задолжен за кондициската подготовка на нашите најдобри кошаркари во периодот кој следува.
Првиот предизвик новиот селектор и неговите соработници ќе го имаат веќе кон крајот на август, на стартот на вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот во 2025 година.
Поточно, гостувањето во Данска на 25.август, и натпреварот против селекцијата на Словачка, кој нашите најдобри кошаркари го играат на 28. август во Скопје.
WebOhrid / 19.07.2022 / КФСМ