„Амбасади“ – шести роман на Луан Старова во Бугарија
Во бугарскиот главен град, Софија, во издание на познатиот издавач „Персеј“, е објавен романот „Амбасади“ на еден од најплодните македонски и балкански автори, академик Луан Старова.
Бугарското издание излезе под наслов „Амбасадор на земјата што нема да постои“, во превод од македонски јазик на Марин Петров.
Ова е шести роман од „балканската сага“ на Старова кој се објавува во Бугарија, по романите: „Времето на козите“, „Враќањето на козите“, „Балкански клуч“, „Балканвавилонци“ и „Ервехе – книга за една мајка“.
Романите на Старова наидуваат на убав прием кај бугарската читателска и книжевна критика.
Големото бугарско писателско име, академик Антон Дончев, откако ќе ја цитира мислата на Гете, наведена во воведот книгата, дека „светот е само тоа што ги обединува народите“, ќе забележи: „Оваа книга е рожба на нашиот свет. Таа е повик за обединување. Низ целата книга се проникнува вистината дека проблемите се заемно поврзани, идејќи од минатото се проектираат во иднината. И дека мирната и творечка соработка меѓу народите нема друга алтернатива.“
Академик Дончев, е автор на предговорот на романот „Ервехе-книга за една Мајкa”, по повод книгата „Балканвавилонци”, прогласен за роман на годината во Македонија.
Веле Митаноски