Ангелоска: Најголем проект на новата локална власт е масовната партизација на Општината и јавните претпријатија
СДСМ Охрид денес одржа прес-конференција на која се обрати координаторката на советничката група од ОО СДСМ Охрид, Живка Ангелоска.
„Најголем проект на новата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот Кирил Пецаков, во изминатите стотина дена претставува масовната партизација на општината и јавните претпријатија основани од општината. За само три месеци од доаѓањето на власт ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот Пецаков во општината и јавните претпријатија реализираа околу 50 (педесет) нови вработувања. Општината и јавните претпријатија ги натрупуваат со свој партиски кадар. За волја на вистината овој нивни проект не можеме да го оспориме и негираме.
Сега ни е сосема јасно зошто во Буџетот на Општина Охрид за 2022 година новата локална власт значително ги намали капиталните расходи. За нив беше најлесно да ги намалат финансиските средства за реконструкција на улици, за објекти, за нови системи за водоснабдување, за одведување и пречистување на отпадни води, средства од огромно значење за подобрување на квалитетот на живеење на охриѓани.
Со промислено дефокусирање на јавноста, со добро познатиот популистички метод својствен за ВМРО ДПМНЕ и нивниот начин на владеење, со месеци лицитираат со бројки за наводни големи долгови на општината, на јавните претпријатија. Претходната локална власт без никаква основаност и без тронка страм ја нарекуваат криминална и неодговорна. Доколку и сами веруваа во тоа што го говореа, доколку имаа искрен пристап кон одговорност и домаќинско работење во најмала рака ќе ја поштедеа општината и јавните претпријатија од трошоци за нови вработувња. Ќе го намалеа бројот на планирани вработувања наместо да го зголемуваат, како што тоа го направија со планираните вработувања во општина Охрид за 2022 година.
Каква светла иднина им ветуваше новата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот, Пецаков на охриѓани кога во изминатите три месеци освен проектот за нов начин на санирање на ударни дупки, најусешен проект што го реализирале е масовната партизација на општината и јавните претпријатија. Нови педесет вработувања за само стотина дена.
Време е новата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот Пецаков да се вратат во сегашноста, да престанат да ја кријат својата неуспешност зад неосновани обвинувања во кои ни самите не веруваат, оправдувања и збунетост од сериозноста на задачата на која се нафатија.
Време е покрај проектите што ги наследија од предходната власт, да ги реализираат и сопствените проектите, што им ги ветија на граѓаните.
Време е да отпочнат да работат за доброто на сите граѓани, за доброто на Охрид, а не само на удоволување на желбите на еден тесен круг свои сопартици.“ – истакна Ангелоска.
WebOhrid / 19.02.2022 / ОО СДСМ Охрид