25/12/2024
Охрид

Ангелоска: Нашата цел е да бидеме општина по мерка на секој граѓанин

ОО на СДСМ Охрид денес одржа прес-конференција на која говореше Живка Ангелоска, а презентираше дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник д-р Константин Георгиески.

„Современите општествени текови и динамиката на модерното живеење ја наметнуваат потребата од поквалитетни и побрзи услуги за граѓаните од страна на општината. Токму затоа нашата цел е да преземеме соодветни мерки за поголема ефикасност на општинската администрација.

Веќе имаме реализирано конкретни активности за воведување на електронскиот систем „Муни“, кој ќе овозможи поголема интеграција меѓу општинските сектори и јавните претпријатија, во насока на подобра и поквалитетна услуга. Апликацијата ќе биде достапна за граѓаните на нивните смарт уреди, при што електронски ќе можат да плаќаат месечни сметки за комунални услуги или да комуницираат директно со општинските служби, кои се задолжени за решавање на нивниот конкретен проблем.

Исто така со цел да се подобрат општинските услуги планирана е имплементација на Географско Информативен Систем (ГИС), кој ќе содржи просторно лоцирани ГИС бази на податоци за територијата на општина Охрид. Тие ќе бидат распоредени за користење во главните сфери на интерес и за различни намени како што се урбани единици, улици, градежни парцели, објекти и подземен катастар. За изработка на ваквите бази на податоци, општината веќе има аплицирано на проект кој ќе биде реализиран со средства од странски фондови.

Во насока на зголемување на нивото на транспарентноста на општината и посоодветно пласирање на информации од јавен карактер, веќе е изготвена нова и редизајнирана општинска веб страница, која веќе е ставена во функција. Обновената веб-страница ќе им овозможи на граѓаните и на медиумите полесно пребарување и изнаоѓање на потребната информација.

За да се подобрат условите за граѓаните во урбаните и руралните зони општината планира да преземе мерки за зголемување на капацитетот на месните и урбаните заедници, преку обука на членовите на месните управи. Ова има за цел да го зголеми нивото на партиципативност во донесување на одлуките на локално ниво.

Во рамки на општинската зграда, во иднина е планирано обезбедување на посебни инфо пултови и приемни шалтери на кои граѓаните ќе можат полесно да се информираат и да бидат упатени како најлесно да можат да ги завршат своите обврски. Ќе биде воспоставена и ефикасна телефонска и електронска комуникација преку отворени телефони за прашања и поплаки.

Нашата цел е да бидеме општина по мерка на секој граѓанин. Постојано сме отворени за соработка и подготвени да се менуваме и подобруваме! Само заедно со Вас, граѓаните и со вашите предлози може да постигнеме многу повеќе за нашата општина!

На 21-ви април да излеземе и да гласаме за нашиот кандидат за градоначалник Д-р Константин Георгиески! Заедно напред, За Охрид!“ – истакна Ангелоска.