23/11/2024
Спорт

Ангеловски и Тричковски: Истрошени сме, ама одиме на победа и прво место во Лига на нации

На официјалната прес-конференција спроти утрешниот натпревар од Лига на нации меѓу Македонија и Естонија зборуваа селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски и репрезентативниот напаѓач, Иван Тричковски.

– Истакнав и претходно дека главна цел е пласман на ЕП, ама моментално сме на прво место во групата и ќе дадеме се да бидеме први во Лигата на нации. Нормално е по голем пласман емоциите да се испразнети, ама кога играш нов меч за Македонија, сите ќе се потрудат максимално. Имаме доволно квалитет за победа, па да одиме на  Кипар и таму да решаваме за првото место.

Втората можност пак да бидеме шампиони во ова натпреварување мора да не мотивира. Од утре настапуваме како репрезентација која настапува на ЕП и тоа мора со сите сили да го браниме. Секогаш има мотивации и сакаме да бидеме први во Лигата на нациите. Ќе се обидам да ја изнесам најдобрата тактичка определба според тимот на располагање. Доволно време сме заедно и добро знаеме што треба да направиме на теренот, смета Ангеловски.

– Истрошени сме психички и физички, ама ќе дадеме сè од себе да победиме. Од АЕК ни честитаа мене и на Спировски и многу се горди и чест им е што ќе ги претставуваме на Европското првенство.

Утре со Естонија, имаме должност и желба да се бориме и да докажеме дека нема да застанеме само со пласман на Европското првенство. Ако ги добиеме двата дуели би биле први, па императив за нас е да победиме и да се пласираме во Б лигата, изјави Тричковски.