Апел од Македонија: Отворено писмо до државите членки на ЕУ, САД и пошироката светска јавност, од група интелектуалци и јавни личности
Дури и во 21 век, во време на широки човекови права и слободи, „Македонското прашање“ е сѐ уште актуелно и е во фокусот на Европската унија и САД. Доказ за тоа е утврдената преговарачка рамка за Македонија. Како членка на Унијата, и широко поддржана од Брисел, Бугарија бескрупулозно ги блокираше македонските заложби за членство. Оваа политика на Софија е прецизирана во два документи – „Бугарска национална доктрина за XXI век“, објавена во 1997 година, и во вториот нејзин дел – „Национални стратегиски програми“, објавен во 1998 година. Во нив е очигледен бугарскиот нагласен национал – шовинистички однос кон Македонија.
Во овие документи се прецизирани големобугарските аспирации и стремежи кон Република Македонија. Тоа е нивна стара доктрина, уште од 19 век. Без никакви издржани аргументи, таа се базира на непризнавање на националната посебност на Македонците, коишто се третираат како „Бугари“.
Бугарската држава го негира постоењето на македонски народ и на македонски јазик, историја, култура…. Го негира македонскиот национален идентитет. Оваа Бугарска државна стратегија е денес поактуелна од кога било. Подготвена е од бугарските квази научни кругови, предводени од БАН (Бугарската академија на науките). Најшироко е поддржана и од сите политички фактори во земјата. Спомнатата „Бугарска национална доктрина“ претставува латентен генератор на нестабилност не само на Балканот, туку и во цела Европа. Нивната неспорна цел е бугаризација на Македонците, што е невозможна мисија. Жалосно е што сите научни институции и политички структури во Бугарија, посветено работат на реализација на овие бесмислени цели.
Евидентно е дека Бугарија, којашто не успеа да ги реализира своите историски синдроми во завојувачките војни во 19-тиот и во 20-тиот век, се стреми да ги оствари преку злоупотреба на своето членство во ЕУ. Унијата и служи на Бугарија како алатка за исполнување на нејзината шовинистичка доктрина, според која треба да се избришат Македонците како одделен народ.
Овие два документи се јавно објавени во Бугарија. Тие се во сила, недостојни се за членка на ЕУ, ама и за Брисел. Толеранцијата на ЕУ и САД, претставува охрабрувачки фактор за Софија, да продолжи co реализирање на своите нецивилизациски и антиисториски стратешки цели кон Македонија.
Покрај тоа, за Национален Ден е прогласен 3 Март. Тоа е датумот кога, во 1878 година, е прогласена Санстефанска Бугарија. Тоа беше проект на Москва, co којашто беше создадена Голема Бугарија. Замислата беше таа да биде руски сателит. Траеше само неколку месеци, до Берлинскиот Конгрес од јуни 1878, и никогаш не беше реализирана во пракса. Таквата голема Бугарија опфаќала територии коишто денес припаѓаат на пет држави.
Co одредувањето на 3 март за национален ден, Софија јасно става до знаење дека го следи континуитетот на таа експанзионистичка стратегија.
Имајќи го сето ова предвид, најприродни се, нужни и неизбежни отпорот и жестокото противење на Македонците и сите други граѓани на Македонија, за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. He може и е апсолутно исклучено, еден од конститутивните народи на Македонија да биде дел од бугарскиот народ којшто, како дел од фашистичката антанта ја имаше окупирано земјата во Втората светска војна. Токму во борбата против бугарските фашисти беше создадена современата македонска држава. Од тие причини, нема и не може да има место за Бугари во македонскиот Устав.
Исклучок е можен единствено доколку тоа се направи на реципрочна основа, co внесувањето на стотици илјади Македонци во уставот на Бугарија. Тие се малцинство изложено на вековен геноцид, коешто не ужива никакви општо признати универзални права. Во Македонија, пак, според последниот попис, официјално има 3.504 Бугари, коишто ги уживаат сите права. Нема држава во светот којашто во Уставот става толку малобројно малцинство.
Зачудува фактот што Европската Унија ги подржува ваквите отворени негаторски политики на една од своите членки која отворено ги загрозува основните постулати врз кои се темели Унијата. За жал преседанот станува правило во однесувањето спрема државите кандидати за членки на Унијата.
Силно сме уверени и очекуваме дека меѓународните фактори ЕУ и САД ќе реагираат во духот на копенхашките критериуми, повелбата на ОН, почитување на човековите и малцинските права на македонското национално малцинство во Бугарија и Грција.
Потписници на Повикот: