Арда Мустафоглу првонаграден во Атина
Петнаесетогодишниот македонскиот пијанист Арда Мустафаоглу, го освои првото место на меѓународниот онлајн музички натпревар „EMuse” …
На натпреварот во организација на Меѓународната асоцијација за уметност „The Muse” од Атина, меѓународното жири составено од 27 членови меѓу кои пијанистот Петрас Генусас, професор на Конзерваториумот во Вилнус, Литванија, Елена Кузњецова пијанистка, почесен уметник на Русија и професор на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, Лидија Фрумкин од САД пијанистка и долгогодишен професор по пијано на Конзерваториумот „Оберлин“, и рускиот пијанист и генерален директор на Државната руска музичка фондација, Борис Розин, одлучија Арда Мустафаоглу, заедно со уште тројца првонаградени во категоријата „Д“, да настапи на концерт во Византискиот музеј во Атина на 30-ти јуни годинава.
Натпреварот „EMuse” на кој од 2005 година до денес учествувале 920 учесници од 87 држави во светот, како единствен натпревар во Грција со меѓународни размери за класични музичари од сите возрасти и националности, е поддржан од грчкото Министерство за култура и Министерството за туризам.
Арда Мустафаоглу, освен настапот во Византискиот музеј во Атина, деновиве ќе настапи и во Народниот театар „Иван Вазов” во Софија, а ќе има и солистички концерт во Париз.