Асаф Адеми ја презеде функцијата министер за култура
Во пријателска и протоколарна атмосфера, денеска во кабинетот на министерот за култура, досегашниот министер Роберт Алаѓозовски му ја предаде функцијата министер за култура на Асаф Адеми, од коалицискиот партнер во Владата, Движењето Беса на Африм Гаши …
„Ќе бидам министер за сите, без разлика на нивната етничка, партиска и верска припадност. Ќе се потрудам да креирам унитарен културен идентитет за сите и да градам мостови на културна соработка меѓу сите заедници и сите граѓани во Република Македонија“, изјави Асаф Адеми по преземањето на функцијата министер за култура.
Пред медиумите Адеми рече дека со Алаѓозовски разменил мислења и идеи за тоа како да се подобри културниот живот во Македонија.
„Се согласивме дека сме на вистинскиот пат за евроинтеграција на земјата. Тоа треба позитивно да се одрази и на културниот живот во Македонија и за тоа да се реализира ќе направам максимални напори. Се согласивме и дека културниот живот почнува да се созема по неколкугодишните културни проекти што направија недобри работи во однос на мултикултурниот и мултиетничкиот жвиот во земјава“, додаде Адеми.
Алаѓозовси нагласи дека културата се наоѓа во реформски процес и од Адеми очекува политика на континуитет и реализација на донесената Стратегија за културен развој.
„Очекуваме нов колективен договор за вработените во културата. Имаме и готов предлог-концепт за нов закон за културата, така што ова е еден вид штафетно примопредавање.
Ние со полна брзина ја предаваме работата и сите наши досегашни резултати и процеси на новиот министер и на новиот кабинет и очекуваме дека со истата брзина работата ќе продолжи понатаму. Целта е граѓаните и културните работници да добијат еден современ систем кој во изминатите 11 години знаеме како беше девастиран“, изјави Алаѓозовски кој заминува на функцијата Национален координатор за култура и меѓуресорска соработка во Владата на Република Македонија.