22/11/2024
Македонија

Aтанасов: Кај овците и козите не е присутна болеста Чума кај малите преживари

Кај овците и козите во Македонија не е евидентирана болеста Чума кај малите преживари која беше потврдена на 22 јуни во Бугарија. На терен се спроведува мониторинг и ако се забележат какви било симптоми, ќе се реагира соодветно- изјави за медиумите директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанансов, по промоцијата на резултатите од твининг проектот „Натамошно развивање на контролните системи на надлежните институции за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата”.

Преземени се сите мерки, објасни тој, додавајќи дека изречена е и забрана за увоз и транзит на овци, кози и нивни производи. Во Бугарија болеста е ставена под контрола, нови жаришта нема и опасноста е сведена на минимум.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство се преземаат превентивни мерки со цел подигање на свеста на сточарите за оваа болест на повисоко ниво, со цел, откривањето на болеста, ако случајно се појави, да биде навремено.