АВ Охрид поразен од Блокотехна во четвртфиналето од Купот на Македонија
Екипата на Блокотехна продолжува да со своите одлични игри да испишува клупска историја. Клубот-новајлија во Првата лига во машка сениорска конкуренција се пласира во Куп-полуфиналето откако славеше против екипата на АВ Охрид. Избраниците на Марјан Илиевски беа сконцентрирани на паркетот и брзи во креирањето на акциите благодарение на што предноста стана двоцифрена уште во првиот период. Кошаркарите на Охрид пак најголемиот дел од акциите ги финишираа преку еден играч што на крај за тимот се покажа како неисплатливо.
Во финишот Блокотехна славеше со конечни 110-88 (35-17, 25-16, 29-34, 21-21)
„Најчесто се повторувам дека никојпат не се водам по она фаворизирање и потценување на учесниците во натпреварот. Наше е да излеземе на теренот и да дадеме максимум од себе. ме радува тоа што уште во првата четвртина успеавме да го добиеме натпреварот. Дојде до некое опуштање во нашите редови во последните две четвртини што е и сосема нормално.Нам ни останува концентрацијата кон утрешниот натпревар. Намалена ни е ротацијата на играчи. Сакам да им честитам на моите играчи за стореното, сепак мислам дека се нема случено да дебитант во Првата лига стигне до полуфинале во Купот. На хартија секојпат фаворитот е тимот на МЗТ Скопје Аеродром и јас би сакал да се сретнеме во полуфиналето со екипата на Фени Индустри.“ – изјави Марјан Илиевски, тренер на Блокотехна.
„Реално беа фаворити во овој натпревар, но не знаев дека ќе отвориме на ваков лош начин. Каскавме првата четвртина, во другите игравме порамноправно, но е успеавме да се вратиме во играта. На крај играчите започнаа сами индивидуално да креираат акции, не ни беше стратегијата да се оди преку еден играч, но тоа нив им беше решението при толку голема разлика.“ – изјави Петар Чочороски, тренер на АВ Охрид.
„Знаевме дека сме фаворити и го искористивме тоа на најдобар начин. Погодивме некои среќни тројки, направивме голема разлика на самиот почеток која ја држевме до крај. Би сакал во полуфиналето да се сретнеме со Фени Индустри, бидејќи да речеме дека се полесен противник, но секако дека мотивот е поголем да се игра против МЗТ Скопје Аеродром.“ – изјави Стојан Ѓуроски, играч на Блокотехна.
„Ова беше добро искуство, но сметам дека одигравме катастрофален натпревар. Не сум задоволен од играта воопшто.“ – изјави Антонио Донески, играч на АВ Охрид.