22/11/2024
МакедонијаОхрид

Автопатот Кичево-Охрид по втор пат ќе го пробие рокот за изведба, се прават анализи за колкав период

Јавното претпријатие за државни патишта подготвува опсежни анализи за продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Веќе е извесно дека по втор пат ќе биде пробиен крајниот датум во чии рамки кинеската компанија „Синохидро“ како изведувач на работите требаше да ја заврши изведбата на автопатот долг 57 километри и вреден речиси 600 милиони евра.

Првичниот рок за завршување на изградбата на овој автопат веќе беше продолжен за три и пол години, и тоа до 30 јуни 2021 година

Нов краен рок за завршување на изградбата на автопатот засега нема, но од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ информираат дека нивните очекувања се до крајот на 2021 година да се пушти во употреба третата подделница со должина од 11,5 километри, на потегот од Пресека кај новиот тунел до Песочани.

„Анализите се врз основа на моменталната изграденост на самиот автопат, дополнителната техничка документација (зголемени количини) и ситуацијата со ковид-19“, објаснуваат од ЈП за државни патишта.

Во однос на тоа дали кинески „Синохидро“ ќе сноси санкции поради доцнењето на изведбата на автопатот, од ова јавно претпријатие велат дека во моментов не планираат санкции кон кинеската компанија, бидејќи рокот сè уште тече и е до 30 јуни 2021 година.

„По извршените анализи доколку се утврди вина на Изведувачот ќе постапиме согласно со Договорот“, велат од ЈП за државни патишта.

Од јавното претпријатие објаснуваат дека откако ќе биде изработена анализата за тоа во колкав период е неопходно да се продолжи изградбата на автопатот Кичево-Охрид, ќе се изготви нов Анекс на договорот за изведба на овој инфраструктурен проект.

„Во овој момент немаме сознанија за зголемување на крајната цена на чинење на изградбата на автопатот, и сметаме дека обезбедените средства со Анекс бр.3 се доволни за завршување на изградба на автопат А2, делница Кичево-Охрид“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта во однос на прашањето дали ќе има натамошно зголемување на крајната цена за изградбата на овој автопат.

Автопатската делница од Кичево до Охрид започна да се гради во февруари 2014 година, откако беше извршено позајмување на кредит од кинеската Ексим банка од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Во пролетта 2018 година, владата предводена од СДСМ соопшти дека неопходно е продолжување на рокот за доизградба, поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, но и поради фактот што некои инфраструктурни објекти, како што се деветте клучки, не биле воопшто планирани со првичниот проект.

Кон крајот на пролетта 2019 година, ЈП за државни патишта го објави тендерот за докомплетирање на проектната документација за овој автопат. Собранието на РСМ на 21 ноември 2019 година го усвои новото задолжување на земјава кон кинеската Ексим банка во висина од дополнителни 180 милиони долари, со кои треба да се изведат сите оние сегменти од автопатот коишто беа препроектирани поради тоа што биле изоставени или неизводливи за градба во првичниот проект.

Инаку, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ лани го изработи истражувачки труд „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“. Во овој труд тие посочија на недостигот на транспарентни и конкурентни набавки визави услови за заем поставени од Кинеската банка за извоз и увоз отелотворени во списокот на претпочитани компании, кои биле предложени од Кинеската влада, а одобрени од Кинеската амбасада во Скопје.

Воедно, втората клучна слабост што ја утврдиле истражувачите од „Социетас Цивилис“ е нетранспарентниот и неконкурентен процес на избор на компанијата Синохидро за главен изведувач за двата автопати. Истражувачите во трудот посочија и на проблемот со политичките и приватните поттици на водечки јавни функционери за изведба на овие автопати, и покрај мислењето на градежниот надзор за неизводливоста на проектот, а со што се предизвикала ефективна штета врз заедничкото добро и парите на даночните обврзници.

извор: мета.мк