22/11/2024
Македонија

Бајрактар: Неинформираноста и неприфаќањето на различноста е една од клучните причини за постоењето на дискриминацијата

Една од стратешките определби и приоритети на Владата и на Министерството за труд и социјална политика е развивање и подобрување на националните политики против дискриминацијата преку превенција на сите релевантни полиња, подигање на јавната свест и воспоставување на ефикасни механизми за справување со оваа појава. Ова беше потенцирано од заменикот министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар на завршната конференцијата насловена како „Без разлики“ која се одржа во рамките на проектот „Спречување на дискриминација кон ромските деца“.

Имено, неинформираноста и неприфаќањето на различноста е една од клучните причини за постоењето на дискриминацијата. Тоа е прашањето на кое треба и мора заеднички да се фокусираме во иднина и да креираме и имплементираме мерки со единствена цел да обезбедиме недискриминација и развој на свеста кај луѓето.

Во оваа насока подготвен е новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација со кој се овозможува подигање на едно повисоко ниво на превенцијата и заштитата од дискриминација.

,,Сакам да истакнам дека имаме јасна државна Стратегија за еднаквост и недискриминација и Министерството работи посветено на нејзино остварување преку континуирано обезбедување на потребни знаења и вештини и градење на капацитетите на вработените во институциите за нејзино споведување. Оваа година ќе се спроведеат 20 основни обуки за околу 400 државни и јавни службеници за концептот на недискриминација”, подвлече во својот говор заменикот Бајрактар.

Согласно со Националната Стратегија за Роми 2014 – 2020, чија што цел е изедначување на степенот на вклученост и интеграција, Министерството во соработка со Ромскиот Едукативен Фонд-Будимпешта, Јавните општински установи-детски градинки и Единиците на локалната самоуправа, од 2006 заклучно со месец јуни 2018 година, активно го имплементираа проектот на вклучување на децата-Роми во Јавните општински установи–Детските градинки. Целта е зголемување на бројот на деца–Роми во детските градинки. Проектот се имлементираше во 19 општини при што бесплатно беа вклучени околу 4.000 деца од ромската етничка заедница. Во општините каде што се спроведуваше беа ангажирани 21 медијатор и 22 негувателки. Од оваа година 2018/2019 поради системско решавање на децата Роми од социјално загрозени семејства за вклучување во детските градинки, Владата и Министерството им препорачаа на општините вклучени во проектот, да ја разгледаат можноста за ослободување од партиципација на ромските деца на возраст од три до шест години за престој во детските градинки за периодот од 1.12.2018-31.12.2019 година со што се планира опфат на 450 деца.