23/11/2024
Македонија

Бектеши: Почнува реализација на пет мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор

Министерството за економија денеска објави пет јавни повици за мерките за финансиска поддршка на туристичко-угостителскиот сектор предвидени во четвртиот сет мерки на Владата, информираше денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Во прилог говорот на министерот Бектеши:

Почитувани туристички работници,

Почитувани медиуми,

Како што најавивме кога беше објавен четвртиот сет на мерки на Владата, главна цел на овие мерки е ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.

Министерството за економија во првите три сета на мерки коишто беа донесени се фокусираше на поддршка на туризмот и угостителството, на поддршка на занаетчиите и на конкурентноста на домашниот бизнис во услови на пандемија.

Со мерката ваучери за домашен туризам ги поддржавме хотелиерите, а тоа го покажуваат и статистичките податоци за раст на бројот на домашни туристи, посебно во август.

Оваа мерка сè уште трае и сите граѓани кои добија ваучери имаат уште еден месец да ги искористат во домашните туристички капацитети и со тоа директно да ги помогнат на секторот кој забележа најголеми загуби во оваа здравствено-економска криза.

Со четвртиот сет мерки најавивме уште дополнителна поддршка за туристичко-угостителскиот сектор, посебно за оние гранки коишто беа најпогодени.

Денеска сакам да објавам дека почнуваме со реализација на пет мерки кои се директна поддршка за туристичките и угостителските работници.

Имајќи предвид дека мерките се донесени во консултација со приватниот сектор, сметаме дека ова ќе биде една многу значајна поддршка за самите компании кои поради пандемијата со КОВИД-19, беа директно погодени.

Со предложените мерки предвидено е да се опфатат следниве 5 активности и тоа:

1.Враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти.

Со цел поддршка на хотелиерството во Република Северна Македонија за време на кризата со КОВИД-19, Министерството за економија предвидува враќање на туристичка такса за 2019 година за сите угостителски објекти за сместување.

Со мерката транспарентно и ефикасно ќе се вратат средства директно на сите кои во 2019 година имаат уплатено туристичка такса.

Износот на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 120.000.000,00 денари.

2.Грантови за туристички агенции

Износот на средства кој ќе биде доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценцата за работа а ќе изнесува најмногу до 180.000,00 денари за Б лиценца и најмногу до 430.000,00 денари за А лиценца.

Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 116.850.000,00 денари.

3.Грантови за категоризирани ресторани за свадби

Со цел поддршка на угостителскиот објекти кои со одлука на Владата на Република Северна Македонија за време на кризата со КОВИД-19 беа затворени , со мерката се предвидува грантови за категоризирани ресторани кои имаа пад во нивните приходи над 75%, односно ресторани кои организираат свечености, свадби и настани, и поради пандемијата беа ограничени да вршат дејност.

Износот на средства кој ќе биде доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на решението за категоризација а ќе изнесува од 180.000 до 600.000 денари за правен субјект. Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 60.000.000,00 денари.

4.Грантови за игротеки

Со цел поддршка на игротеките кои со одлука на Владата на Република Северна Македонија за време на кризата со КОВИД-19 беа затворени , Министерството за економија предвидува мерка за доделување на грантови кои ќе се одредат согласно вкупниот приход на субјектот во претходната, а ќе изнесува од 90.000 до 300.000. Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 153.000.000 денари.

5.Грантови за лиценцирани туристички водичи

Имајќи предвид дека туристичките водичи се важна алка во целата туристичка понуда со мерката е предвидено грант во износ од 3 просечни плати односно по 65.000 денари за секој туристички водич кои поради кризата со пандемијата не можеше да ја обавува дејноста.

Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 9.800.000 денари. За реализација на сите 5 мерки Министерството за економија со Ребалансот на Буџетот има обезбедено средства во износ од  459.650.000 денари, односно 7,5 милиони евра.

Со цел почитување на сите здравствените протоколи, Министерството за економија реализацијата на мерките го спроведува преку платформата www.domasiedoma.gov.mk  или www.pushimenevend.gov.mk на која ќе можат да ги поднесат нивните барања и потребна документација онлајн.

На самата платформа се прикачени и јавните повици и програмите, но исто така Министерството за економија ќе одговори на сите прашања поврзани со мерките преку секторот за туризам.

За потврда на веродостојноста на податоците во поднесената документација Министерството за економија ќе изврши проверка со надлежните институции како што се Министерство за финансии, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување како и Државен пазарен инспекторат.   

Рокот на аплицирање за овие пет мерки е 27 ноември, а финансиската поддршка ќе биде исплатена до крајот на годината.

Очекувам максимално искористување на мерките и постигнување на посакуваните ефекти, а тоа се задржување на работните места и помош за компаниите за опоравување од последиците со пандемијата.

Ги повикувам сите туристички работници и угостители да аплицираат, а Министерството за економија, веднаш ќе ги обработи апликациите се со цел средствата да бидат навремено исплатени.

Но, покрај поддршката за туристичко угостителскиот сектор сакам исто така да информирам дека минатата недела Министерството за економија објави јавен повик за кофинансирање на трошоци за занаетчиите.

Предмет на јавниот повик е кофинансирање на трошоци на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, државјани на Република Северна Македонија преку кофинансирање до 60% од докажаните  трошоци, но не повеќе од 60.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали.

За оваа мерка се предвидени средства со вкупен износ од 20.000.000 денари, а ќе бидат кофинансирани докажаните трошоци за набавки направени во 2020 година.

Разгледувањето и  изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите утврдени во Јавниот повик, ќе се прави по принципот „Прв дојден, прв услужен“, а крајниот рок за аплицирање по овој јавен повик е исто така е до 27.11.2020 година.