Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид е стабилна
Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид е стабилна. Изминатово деноноќие, во периодот од 07.00 часот на 10.04. до 07.00 часот на 11.04.2020 годинa, четири лица во Кичево не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19. Тие се приведени и против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во истиот период, не се регистрирани собирања на граѓани, кражби и сообраќајни незгоди.
Непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14 – дневна самоизолација. Регистрирани се четири нови лица со решение за изолација и извршени се 24 контроли на лицата кои веќе се во изолација (Охрид-12, Струга-9 и Кичево-3). Евидентирани се 69 нови лица во самоизолација, (Охрид-10, Струга-42, Кичево-7, Дебар-10) и извршени се 287 контроли врз овие лица (Охрид-7, Струга-211, Кичево-3 и Дебар-66).
На подрачјето на СВР Охрид, регистрирани се вкупно 503 лицa што се под задолжителна мерка државен карантин (Охрид- 202, Струга- 301), кои се сместени во четири сместувачки објекти. Полициските службеници извршија 42 контроли на угостителски објекти.
Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамки на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.
Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.
Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана за движење за сите граѓани на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 05 часот наредниот ден и за време на викедот, од петок од 16 часот па се до 05 часот во понеделник. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.