Билатерална средба помеѓу Царинските служби на Македонија и Србија
На 20.11.2017 година во Белград се одржа билатерална средба помеѓу делегации на Царинските управи на Република Македонија и Република Србија. Состанокот на делегациите предводени од директорите на двете служби се одржа во насока на зајакнување на соработката помеѓу двете земји, воспоставена во рамките на Спогодбата за билатерална соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија за соработка и взаемна помош за царинските работи, соработката во рамките на Догoворот за слободна трговија (ЦЕФТА), како и соработката на граничните премини.
Делегациите предводени од директорите на царинските служби Ѓоко Танасоски и Милош Томиќ, разговараа за повеќе теми од интерес за унапредување на взаемната соработка, како и за придонесот кон понатамошно забрзување на преминувањето на границата на граничните премини.
На средбата е констатирано дека соработката меѓу двете царински служби е на високо ниво, што е потврдено со фактот што сите оперативни проблеми на најфреквентниот заеднички граничен премин Прешево – Табановце се надминуваат брзо и ефикасно.
На состанокот е разгледана соработката во рамките на Спогодбата за взаемна помош по царински прашања, Протоколот за размена на царински информации (SEED), во насока на постигнување на поголема брзина при размената и оперативност.
Исто така, беше истакнато дека во текот на последните десет години, двете царински управи активно соработуваат во имплементацијата на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и дека понатамошното продлабочување на оваа соработка е од интерес за двете држави како и за целиот регион.