Бизнисмени од Албанија заинтересирани за инвестиции во македонското земјоделство
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска имаше работен состанок со бизнис секторот од Албанија, застапуван од Германската стопанска комора за индустрија и трговија во Албанија. На состанокот, министерот Николовски потенцираше дека Владата на Република Македонија креира поволна бизнис клима за влез на странски инвестиции. При тоа посочи дека се работи на унапредување на економската регионална соработка со земјите од регионот, вклучително и со Албанија.
Од македонска страна, на состанокот беше презентирана моменталната состојба во македонското земјоделство, расположливите земјоделски површини,состојба со откупни центри и можност за купување на истите, број на добиток, проиозводство, стартешки гранки, начинот на финансиска поддршка во земјоделството, политиките на Владата за развој на овој сектор, како и можностите за инвестирање во областа на земјоделството во Република Македонија.
Министерот Николовски посочи дека денешниот состанок е значаен бидејќи претставува потенцијална можност за долгорочна и соработка во спроведување на идните успешни проекти кои се од взаемен интерес, и ги повика албанските бизнисмени да инвестираат во Македонија, во областа на земјоделството.
Претставниците на бизнис секторот од Албанија, беа заинтересирани за владините политики за субвенции во земјоделството и руралниот развој, пристапот до државно земјоделско земјиште, можности за инвестиции во изградба на откупни центри за земјоделски производи, како и за подигнување на долгогодишни насади со маслинки.
Република Македонија е докажан производител на земјоделски производи со препознатлив вкус и врвен квалитет, како резултат на извонредните климатски и почвени услови што им дава единствена карактеристика и препознатливост, не само на традиционалните пазари во регионот, туку и на светските пазари со голема потрошувачка моќ. Идните политики на Владата се во насока на создавање на поволна клима за привлекување странски инвеститори, притоа обезбедувајќи техничка помош и административни олеснувања за реализација на инвестицијата.