Богојавление – Водици
Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден според верувањето Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Co тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Co овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.
Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат кумпании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл.
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.
Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Бојан, Богомил (значи мил на Бога) , Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Јован, Јованка…)
Eден ден пред празникот на 18-ти е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа компанија. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилекот, (треба да има толку гранчиња колку што има куќи компанијата) ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прскајќи од оваа вода кумот благословувал: “Кај што помина чесен крст, да е чесно бериќетно, кај што капнало капка вода, сребро и злато да капит, да се родит бериќетот.
За многу години! Бог се јави, Навистина се јави!