25/11/2024
Охрид

Божиновски: СДСМ и Стојаноски го нарушија угледот, достоинството и дигнитетот на наставничката професија, платите веднаш да бидат исплатени

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„Прангите на СДСМ и градоначалникот Јован Стојаноски не познаваат граници. Лицемерно е градоначалникот Стојаноски во презентираниот „Ќе отчет“ да ветува дека ќе го подобри образовниот процес, а просветните работници не можат да ја добијат нивната чесно заработена плата.

Градоначалникот да објасни зошто не е испочитуван Законот за работни односи, според кој 15 во месецот е крајниот рок да се исплати плата за претходниот месец?

Наместо горди просветни работници на својата професија, има пародија на образованието и животот на вработените во охридските основни и средни училишта кои сѐ уште не ја зеле октомвриската плата.

Дали за пратеничката Жаклина Лазаревска како просветен работник значи да се има посебно чувство за образованието е ваквиот срамен чин? Ова ли се тие европски вредности и принципи?

Блокираната исплата е поврзана со одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на административните службеници во образованието потпишана од градоначалникот Стојаноски април годинава. Пресметките за платата која треба да се врши според Колективните договори за средно и основно образование, а не Законот за државни службеници се спроведува скоро половина година.

Кој ќе одговара за недоследностите околу пресметките за месечен надомест за админитративните службеници во образовните институции?

СОНК и ДПИ веднаш да реагираат за ненавременото исплаќање на платите.

ВМРО-ДПМНЕ ја дели загриженоста и револтот со сите вработени во училиштата. Наставниците и професорите немаат друг извор за егзистенција, ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се исплатат платите.

Тешко на образованието кога СДСМ е на власт, а Стојаноски на службени патувања со парите на граѓаните. Стојаноски го наруши угледот, достоинството и дигнитетот на наставничката професија. СДСМ и Стојаноски се очајни губитници со нивната деструкција, манипулации и малтретирање на охриѓани.“ – истакна Божиновски.