Божиновски: СДСМ како што ја прокоцка иднината на Македонија исто така се коцка со здравјето на народот
Денес во просториите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид се одржа прес-конференција, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.
„Неодговорноста на СДСМ кон здравството никако да запре. Во 21 век не функционираат хирушките операциони сали.
Министерот Венко Филипче и Директорот на ЈЗУ „Општа болница“ водат ли грижа за здравјето на граѓаните?
Оперативниот блок од хирушките одделенија веќе еден месец не работи, затоа што не функционираат апаратите за анестезија. Не може да се изведат операции, а пациентите се препраќат во други болници и најстрашното операциите се одложуваат.
Колку операции се извршени во новата година и зошто се доцни со сервисирањето на апаратите во операционите сали?
Наместо Зоран Заев да одржува трибини и ги лаже охриѓани, заедно со в.д. градоначалникот Константин Герогиески треба да одат директно во операционите сали, а не во салата на киното, за да видат како се оставени граѓаните на милост и немилост на времето, а здравствените работници во тешка позиција без основни услови за работа.
Дали за Георгиески како медицинско лице е дозволив ваков нарушен здравствен систем и ова ли се тие европски вредности?
Откако граѓаните беа оставени на цедило една година поради расипан компјутерски томограф во Болницата, расипан ангиограф во Кардиолошкиот Завод сега никој не се грижи и за апаратите за анестезија.
Ги советуваме Министерството и Општата Болница што побрзо да ги стават во функција апаратите за анестезија доколку се грижат за здравјето на граѓаните и пациентите.
СДСМ како што ја прокоцка иднината на Македонија исто така се коцка со здравјето на народот. СДСМ докажаа дека се неспособни да менаџираат и да раководат со здравствениот систем.“ – истакна Божиновски.