22/11/2024
Охрид

Божиновски: Стојаноски продолжува да се занимава со популизам и се фали со препишани проекти од ВМРО-ДПМНЕ

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција, на која говореше Перчо Божиновски, портпарол и шеф на Центарот за комуникации при ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Градоначалникот Јован Стојаноски да каже колкав е долгот на општината. Наместо да објасни зошто нема реализирано ниту една капитална инвестиција, Јован Стојаноски продолжува да се занимава со популизам и се фали со препишани проекти од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот и неговата администрација испратиле понуди до фирми доверители да се пристапи кон преговори за склучување договори за отпис на камати и исплата на главницата на рати. Овој начин на менаџирање на долгот го промовира и спроведе минатата Локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која успеа да исплати над 14 милиони евра стари долгови, па од таму и каматата на дневна основа е намалена од 17 000 на 10 000 евра.

Зошто тогаш опозициската СДСМ и градоначалникот го критикуваа овој начин на менаџирање на долговите, а сега истиот го продолжуваат во практика и го промовираат во медиумите како одлична идеја?

Ако не е така, дали тоа ќе значи дека ова е уште еден преземен успешен проект од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ?

Јован Стојаноски, за првпат како претставник на СДСМ уште во октомври на дебатата на кандидтатите за градоначалник на Охрид, јасно прецизира дека долгот кој се дефинира во 2013-та на Општина Охрид е 50 милиони евра. Сега и по последното гостување во телевизиската емисија „Под Лупа“ избегнува да одговори на темите за проекти и долгот.

Зошто сега јавно не излезе и не го соопшти долгот кога има сè во свои раце?

Како Градоначалник на општината сте должни да им објасните на граѓаните како менаџирате со нивните пари?

И на крајот на краиштата редно време е да престанете да се кријате од јавноста и да се појавите на средбите со жителите од урбаните заедници без да праќате други во ваше својство знаејќи дека сè уште немате назначено заменик-градоначалник во рок од 30 дена според Законот за локална самоуправа.

Ветувавте живот и чиста општина, а од животот ни трага ни глас. Низ целата општина никнаа десетици помали диви депонии, а и постоечките контејнери не се чистат.

Секојдневно никнуваат нови депонии по патот до село Рамне, и покрај тоа што Рамне спаѓа во Националниот парк „Галичица“.

Ги повикуваме надлежните институции од ЈП „Охридски Комуналец“ веднаш да реагираат, отпадот да се подигне, а од страна на НП „Галичица“ и комуналните инспекции да излезат на терен и да се фатат за работа.

Многу ветувања, а никаква реализација. Тоа е начинот на работа на СДСМ и Јован Стојаноски.“ – истакна Божиновски.