Царовска: Децата од најмала возраст треба да стекнуваат навики за заштита на животна средина
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заменик министерот Ѓонул Бајрактар, градоначалникот Висар Ганиу, и швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада денеска присуствуваа на првиот едукативен настан од проектот „Чисти и здрави“ што ќе се спроведува во градинките низ Општина Чаир. Спроведувањето на проектот со којшто се јакне свеста за еколошката средина започна во градинката „Фидани“ и нуди едукативни содржини наменети за децата од предучилишна возраст.
Министерката Царовска во своето обраќање рече дека е многу важно децата од најмала возраст да учат и да стекнуваат позитиви навики со кои сите заедно ќе ја зголемиме еколошката свест.
„Она што денеска го правите со промоција на екологијата во предучилишното обраование можеби е мала интервенција во една градинка, но е голем влог во заедниците и во иднината. Ова треба да биде поттик ваквите активности да станат редовни активности во сите градинки. Ние како Влада навистина вложуваме во предучилишното образование и тоа го чувствувате сите. Инвестираме во инфраструктурата на градинките, во јакнењето на кадарот и во зголемувањето на платите на воспитувачите и градинките. Исто така, работиме на создавање на квалитетни програми за работа со децата. Ако тука не направиме доволно квалитетни програми и не ги зајакнеме нашите деца во најраната возраст тие помалку резултати ќе постигнат и во основното образование и во средното образование и понатаму на пазарот на труд. Еден од сегментите е и животната средина и јас сум сигурна дека ваквата едукација ќе даде позитивни резултати во секојдневната заштита на животната средина“, рече Царовска.
Проектот „Чисти и здрави” е финансиран од страна на „Цивика мобилитас” и имплементиран од страна на Балкан Економик Форум (БЕФ) во соработка со Општина Чаир. Основна цел на едукативните настани е преку игра и забава да се влијае врз подигнување на свеста кај децата за чиста животна средина.