Царовска: Имаме обврска да организираме матура, тоа е услов матурантите да се запишат на факултет
Државата има обврска да го оствари правото на матурантите да полагаат државна матура, заради тоа што државната матура, согласно Закон донесен во ова Собрание, е услов за да се запишат на факултетите во државата и надвор од неа, одговори министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
„Ние како држава, доколку не обезбедиме полагање на матура, им го ускратуваме правото на учениците да се запишат во високо образование. Она коешто е дадено како опција во концепцијата за државна матура, е право на училишна матура и право на стручен испит, за сите оние коишто не сакаат да полагаат државна матура. Средното образование е задолжително по Закон, но, државната матура е избор. Тоа што вашата партија излегува и поттикнува бојкот за непочитување на закон, сметам дека треба да се дискутира во ова собрание, заради тоа што сите ние, независно дали сме функционери, граѓани, пратеници, имаме обврска да ги спроведуваме законите. Матурата е дел од законски пропис во Република Северна Македонија“, рече Царовска, одговарајќи на прашањето на пратеничката Благица Ласовска.
За одлуката да не се полага матура лани, министерката појасни дека била донесена во услови на вонредна состојба, во којашто сега не се наоѓаме.
„Минатата година имаше уредби донесени на Влада, со коишто се донесе одлука да не се полага матура и таа престана да биде услов за запишување на факултетите, но само во нашата држава. Морам да истакнам дека сепак се нанесе неправда на учениците коишто сакаа да се запишат во странство, заради тоа што тие не успееја да си го остварат тоа нивно право. Дури и на едно дете да му го ускратиме правото да го оствари својот сон, сме направиле огромен грев. Токму затоа, ние како Влада нема да се дрзнеме на учениците коишто се матуранти оваа година, да им го ускратиме правото да си ги остварат своите соништа“, нагласи Царовска. Царовска посочи дека во законски предвидениот рок повеќе од 14.000 матуранти пријавиле полагање државна матура, што е речиси приближен број со сите години кога се полагала државна матура. Секое скратување и менување на методологијата и концепцијата по поднесени пријави за полагање е целосно несоодветно, заради тоа што учениците коишто пријавиле матура во законски зададениот рок, пријавиле по концепција којашто е донесена на почетокот на учебната година, објасни министерката Царовска.
Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија.
„Ние како Влада, како министерство направивме измени и во постојната концепција, уште пред да почне да се дискутира за тоа дали има или нема предлози за поинаков концепт. Воведовме два дополнителни изборни предмети- географија и информатика, и ја усогласивме проектната задача за да биде интересна за матурантите. И тоа го направивме заедно со нив“, рече Царовска.
Министерката најави дека за наредната учебна година, МОН, Унијата на средношколци и Средношколски глас заеднички подготвуваат нова концепција за матура којашто ќе биде современа и којашто ќе биде согласно потребите, но и културата на живеење и учење на учениците.