23/11/2024
Македонија

Царовска: Инвестирањето во градинките значи поквалитетен ран детски развој и поголема вклученост на жените на пазарот на труд

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска во Женева учествуваше на Регионалниот форум на УНЕЦЕ 2019: Врсничко учење за одржлива иднина. Министерката беше дел од панел дискусијата за раниот детски развој на која говореше за конкретните чекори што Република Северна Македонија ги прави за создавање квалитетен човечки капитал.

„Инвестирањето во раниот детски развој е еден од високите приоритети на Владата на Република Северна Македонија, поради што годинава обезбедивме за 300% поголем буџет за изградба на градинки. Секое дете треба да има ист старт во животот, а градинките да бидат пристапни за сите, бидејќи раниот детски развој е клучен за создавањето на квалитетен човечки капитал во иднина. Целта на МТСП е во следните 4 години опфатот на деца кои одат во градинка да го зголеми за 50% и полека да се приближуваме до европскиот просек којшто изнесува 90%, а тоа ќе го постигнеме само со јакнење и проширување на капацитетите на што веќе засилено работиме. На овој начин не само што градинките ќе згрижуваат повеќе деца, туку истовремено ќе обезбедуваме и поголема застапеност на жените на пазарот на трудот, што во моментот е на многу ниско ниво“, рече Царовска

Шефицата на Кабинет на министерската Царовска, Санела Шкријељ зборуваше на панел дискусија за инклузивни и посветени институции.

„Само институции коишто креираат родово одговорни политики имаат основа да ги таргетираат потребите и придобивките подеднакво за сите граѓани и за жените и за мажите. Целта на ваквите политики е токму тоа никој да не биде изоставен“, рече Шкријељ.

Пред почетокот на форумот министерката Царовска имаше состанок со регионалната директорка на УНИЦЕФ Афшан Кан. На состанокот се разговараше за соработката со УНИЦЕФ, раниот детски развој, социјалната реформа и процесот на деинституционализација.На Форумот во Женева учествуваат над 600 преставници од владите, граѓанското општество, академијата и приватниот сектор.