Царовска: Наставата се одвива успешно, во тек се реформски процеси
Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн состанок со градоначалниците и директорите на училиштата разговараше за текот на наставата и за реформските процеси во образованието коишто се во тек. Беше заклучено дека воспитно-образовниот процес во учебната 2020/2021 година се одвива успешно, со почитување на мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19.
„Наставата се реализира успешно, кај учењето од далечина над 90 проценти од учениците следат онлајн настава. Континуирано се намалува бројот на ученици кои немаат технички услови, за што придонесува заедничкиот ангажман на МОН, локалните самоуправи, училиштата и компаниите кои покажуваат општествена одговорност“, нагласи министерката Царовска.
Директорите на училиштата посочија дека кај наставата со физичко присуство доследно се почитуваат протоколите и мерките за заштита од болеста. На тоа укажуваат и податоците од извештаите кои училиштата континуирано ги испраќаат до МОН и според кои ризикот за инфекција од КОВИД 19 е сведен на минимум. Нема пренос на болеста во училиштата, а доказ за тоа е и помалку од 1 процент на активни случаи кај учениците и наставниците.
На онлајн состанокот се разговараше и за реформите на основното и средното образование кои се во насока на осовременување, дигитализација и постигнување подобри образовни резултати.