23/11/2024
Македонија

Царовска: Нема повеќе деца до три години во институциите во Северна Македонија

Ниту едно дете до три годишна возраст повеќе не живее во институциите во Северна Македонија. Со денешното отворање на петте мали групни домови во Битола, Министерството за труд и социјална политика со своите партнери го започна процесот на целосна трансформација на „Мајчин дом“ и сите 27 деца се веќе преселени во објекти коишто наликуваат на топол семеен дом.

„Навистина ми е драго што денеска токму од Битола, можам да ја споделам оваа убава вест и уште еднаш да ја потврдам заложбата на Владата дека секое дете ни е важно и треба да има еднаков старт во животот, да го добие потребното внимание, грижа и љубов. Процесот на вадење на сите деца од институциите ќе го завршиме една година порано од предвидениот рок. Во 2017 кога го почнавме процесот имавме 180 деца во институции. Сега ни останаа само уште 11 деца постари од три години и тие до крајот на годината ќе бидат исто така згрижени во топол дом. Грижата за децата ја продолжуваме со многу поголема посветеност и љубов бидејќи раниот детски развој е клучен за понатамошниот развој на децата”, изјави министерката Царовска на отворањето на еден од петте мали групни домови во Битола.

Амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галуеј истакна дека процесот на деинституционализација докажува дека со правилна посветеност можеме да изградиме позитивно и инклузивно општество базирано на вредности.

„Овој процес е дел од целокупната заложба на Обединетото Кралство за поддршка и подобрување на политиките и праксите за социјална кохезија и прифаќање на различностите во Северна Македонија. Во Битола ова е четврта по ред институција која што ги деинституционализира децата од гломазните установи. Тоа е голем напредк во заложбите на Владата да стави крај на институционалната грижа за деца под 18 години до крајот на 2020 година“, рече Галуеј.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, истакна дека посветеноста на Владата е клучна во успехот на оваа реформа.

„Децата се биолошки програмирани уште од раѓање да воспостават однос со родител или старател кој ќе обезбеди заштита, нега и љубов. Кога ова отсуствува, има длабоки последици врз благосостојбата на детето. Затоа ниедна друга одлука на Владата нема поголемо влијание врз животот на една личност од одлуката за тоа што ќе прави со дете кое нема родителска грижа. Честитки до Владата за оваа историска реформа – за првпат во поновата историја нема ниедно бебе или дете под три години сместено во голема институција. Но, за да се одржи успехот на оваа реформа, ќе бидат потребни постојана заложба и средства, “ рече Перкс.

Директорката на Мајчин дом Елена Николовска истакна дека во моментов се згрижени 27 деца и за нив 24 часовна грижа и поддршка ќе обезбедуваат 30 негуватели и 4 стручни работници. Ниту едно лице не остана без работа, туку напротив бројот на вработени ќе се зголемува.

“Овој облик на грижа не значи само поквалитетни просторни и физички услови во кои живеат децата. Уште посуштински, работата во групниот дом ќе им овозможи на колегите индивидуален пристап кон секое дете, согласно со неговите желби и потреби. Личната интензивна интеракција и посветеноста на вработените ќе го поттикнат развојот и растот на нашите деца и ќе им обезбедат еднаква основа за успех во животот, како на сите други деца кои растат во семејна средина“, изјави Николовска.

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска го поздрави процесот на деинституционализација и истакна дека еден дел од поранешниот дом за доенчиња ќе биде пренаменет во детска градинка.

„Денес е сончев ден за Битола, затоа што се згрижува една ранлива категорија. Посебно им се заблагодарувам на Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ, Британската амбасада и вработените во Домот за деца без родители. Особено се заблагодарувам на Министерството кое ни отстапува дел од Домот за да може да биде искористен за детска градинка. Капацитетите за градинки ни се и тоа како потребни во овој период”, изјави Петровска. 

Домот во Битола не се затвора, се трансформира во давател на нови, современи социјални услуги. На почетокот од 2020 година ќе започне да функционира регионален Центар за поддршка на згрижувачките семејства, како и други услуги предвидени со Законот за социјална заштита.

Со последите 5 мали групни домови во Битола во Северна Македонија се отворени вкупно 17 мали групни домови.