Царовска: Новата концепција ќе ја олесни работата на наставниците
Новата концепција ќе ја олесни работата на наставниците, бидејќи со неa даваме автономија и можност самите да одлучуваат кои алатки ќе ги користат при наставата. Сигурна сум дека наставниците од сето ова ќе имаат бенефит, бидејќи нивната основна цел е нивните ученици да постигнуваат добри резултати, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостување на Телевизија Тера.
Царовска истакна дека во процес на подготовка се новите наставни програми. Првата обука веќе помина, во тек е втората обука на обучувачи директно по програми за прво и за четврто одделение и на крајот на август ќе имаат последна обука за влез во настава. До тогаш и се треба да биде подготвено за старт на новата учебна година.
„Со новата концепција се намалуваат и бирократските работи што ги прават наставниците како што е препишување 200 пати на оценката во различни книги за евиденција. Дополнително и планирањето, бидејќи вие како наставник можете да имате перфектно планирање, но при тоа да не ја изведувате наставата како што треба. Наставниците ја разбраа идејата на целата концепција, а тие што беа вклучени многу помогнаа во тоа. Затоа што ја пренесоа својата приказна како наставници“, рече Царовска.