23/11/2024
Македонија

Царовска: Работиме на тоа најранливите да ги активираме на пазарот на трудот

Справување со проблемот сиромаштија, деинституционализацијата и растот на платите во Македонија, беа само дел од темите на кои министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, зборуваше на вчерашното интервју за „Макфакс“.

Зборувајќи за немилите настани во домот „25 Мај“ и за загинатите дечиња во Велес, Царовска рече дека ова се драстични примери што излегуваат во јавност,  но и дека секојдневно има многу случаи, зашто системот не реагира навреме, бидејќи нема превенција, а центрите беа оставени да се распаѓаат.

„Системот за социјална заштита многу години беше употребуван за да ги злоупотребува граѓаните што се во ризик. Нашата намера не е да носиме популистички мерки и да речеме дека сите граѓани се згрижени. Тоа е невозможно“, рече Царовска.

Според министерката, државата може да го подобри живот на овие граѓани  само со достоинствен приход, квалитетни услуги и нивно активирање на пазарот на трудот.

Одговарајќи на прашање за Тимјаник министерката Царовска рече дека главна заложба на Владата е да ги трансформира нехуманите големи институции и на тоа забрзано работи цела година. Стратегијата за деинституционализација, вели Царовска, ќе се вика Тимјаник, затоа што Тимјаник е секаде околу нас.

Во интервјуто министерката посочи дека се подготвува нов закон за работни односи. Работодавачите, синдикатите, министерството и здруженијата на граѓани веќе ја направија првата верзија од законот и тој сè уште се усогласува зашто тоа е трипартитен дијалог кој мора да го има.

Министерката во интервјуто за „Макфакс“ зборуваше и за измените на Законот за заштита и спречување на дискриминација, како и за редефинирањето на центрите за социјална заштита и минималниот адекватен приход.