Царовска: Со интеграцијата се намалува бројот на предмети, но се зголемува квалитетот на учење
Концептот на основно образование е македонски концепт, што ќе се имплементира во нашата држава. Не треба да се залепиме за нечиј модел, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во Дневникот на Канал 5 телевизија.
„Интеграцијата е позната како модел и во нашата држава. До петто одделение има интеграција на предмети, во јавни и во приватни училишта има интеграција на предмети. И професорите и учениците и родителите коишто следат таква настава препорачуваат интеграција. Зошто? Обемот на предмети се намалува, но, квалитетот на учење, затоа што е интегративен пристапот, се зголемува“, нагласи Царовска.
Со интегрираното учење на историја, географија и граѓанско, учениците го разбираат контекстот во кој се случиле настаните, на која територија се случиле, какво било државното уредување и може да ги поврзат настаните, да ги стават во денешен контекст и да ги споредат, појасни министерката.
„До овој модел стигнавме преку анализи на меѓународни организации и институции, преку анализи од домашни експерти, но и преку анализа на постојни светски модели коишто дават добри резултати, за да го искреираме нашиот, македонски образовен систем за основно образование. Очекуваме во наредните 10 години да даде резултати во начинот на учење на учениците, но исто така и резултатите од учениците на меѓународните тестирања да се искачат повисоко на листите“, рече Царовска.